Потребно време за читање: 4 минути

47.

Александар во родното место на Д-р Паскал Сотировски, Сонцевиот, во гостиварското, горнореканското село Врбен, Македонија; пред црната мраморна спомен плоча од два дела-помал со негов лик изгравиран на бакарен медалјон, во горниот дел околу него „Сотировски Паскал“, а под него втор поголем со негова фотографија, десно мало стилизирано сонце и текст: „македонски и светски познат научник-астрофизичар, д-р Паскал Сотировски, 1927-2003, с. Врбен-Париз, професор на Сорбона-Париз, Спомен плочата ја поставуваме по повод 90 год. од раѓањето“.

Му се обраќа:

-Секоја чест за Вашите истражувања, Д-р Сотировски. Се поклонувам до земја, како сиот научен и ненаучен свет, на сѐ што постигнавте во проучувањето на зрачењето на Сонцето, на спектроскопијата, Сончевите дамки, Сончевите ерупции, на влијанието на Сонцето врз Земјата и испуштањето на неутриното, а особено на таблиците на спектрите од двоатомски молекули што се присутни на Сончевата поврнина. И според мене е многу важно Вашето тврдење дека лорандитот во Алшар е клучот за разрешување на вечната тајна на Сонцето…Со право и јас и други Ви го дадовме прекарот Сонцевиот…Сигурно Ви била добро позната врската на Александар III Македонски со него.

Сонцевиот:

-Мислиш на легендата дека ја знаел и чувствувал неговата моќ, па пред секој поход со војската стоел пред него за да навлезе во неговата и во крвта на неговите војници? Или на штитот со шеснаесеткракото сонце со розета во средината и парчето руда како концентрација на сончевината?

Александар:

-Да, мислам и на примањето на моќта и на штитот…Дојдов да Ве прашам, Докторе Сотировски, дали и според Вас, како според некои други видни во светот, токму неутрината и лорандитот можат да создадат не едно, а повеќе Сонца?

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, Две сонца, метафизички роман

Д-р Паскал Сотировски се поднасмевнува, се замислува, па одговара со прашање:

-Мислите метафорички?

Александар:

-Јас метафорички, а Вие би требало егзактно.

Сотировски:

-Егзактно…Тоа би било епохално.

Александар:

-Александар рекол дека ништо не е невозможно за оној што има волја да се обиде.

Сотировски:

-Се разбира, така е, ама…

Александар:

-А рекол и дека небото не може да има две сонца, ниту двајца господари.

Сотировки:

-Ете, рекол тој и така е…Јас знам и други негови мисли:

„Не се плашам од војска лавови што ја предводи овца, се плашам од војска овци што ја предводи лав“.

„Светот нема да се сложи околу верата и надежта, но дарежливоста на сите мора да ни биде заедничка“.

„Благодарен сум му на својот татко за животот, но исто така и на својот учител дека живеам добро“.

Александар:

-А знаевте ли за Сонцева крв?

Сонцевиот изненаден:

-Што е тоа?! Крв на Сонце?!

Александар сериозно и рамнодушно:

-Сигурен сум дека во Александрово време така се викал лорандитот! Така се викала неговата најголема животворна љубов, а во Мајден живеела и продолжила да живее откако умрела Сонцева крв. Со многу голема рожба.

Д-р Паскал Сотировски:

-Од Вас слушам првпат…А во врска со мислата на Александар за двете сонца, сигурен сум дека скоро ќе биде откриена планета со две Сонца…

Александар:

-Откриена е! НАСА објави дека открила нова планета која орбитрира околу две сонца. Чујте ја веста:

„Ова е прво такво откритие на нов сателит на агенцијата за лов на планети позната под називот ТЕШ, но што е уште поинтересно ја пронашол средношколец кој работи како стажист, и тоа третиот ден.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За доблести, метафизички роман

„Ги прегледав податоците за сѐ што волонтерите означиле како затемнување на бинарен систем, систем во кој две ѕвезди кружат една околу друга и од нашиот поглед затемнуваат секоја друга орбита“, објаснил 17-годишниот Волф Кукиер.

Тој видел сигнал од системот наречен TOI 1338, но мислел дека станува збор за затемнување. Потоа сфатил дека времето е погрешно и оти всушност пронашол планета.

Новата планета го добила иметоTOI 1338 б поради системот во кој се наоѓа, а е оддалечена околу 1.300 светлосни години од Земјата.

Планетата е 6,9 пати поголема од Земјата-се наоѓа некаде помеѓу Нептун и Сатурн. Малку е веројатно дека на неа би можело да се најдат некои форми на живот.

Двете ѕвезди кружат една околу друга 15 дена. Едната е околу 10 насто помасивна од нашето Сонце, додека другата е постудена, позатемнета и голема како една третина од Сонцето.

Откако ги идентификувал TOI 1338 б според затемнувањето што го предизвикала со своите матични ѕвезди, истражувачкиот тим, вклучувајќи го и Кукиер, користел софтверски пакет „Еленор“, наречен според Еленор Аровеј, централен лик во романот на Карл Саган „Контакт“. Сакале да потврдат дека мерењата се исправни и резултатот не е погрешен поради грешка на некој инструмент.

„Низ сите свои слики ТЕШ следи милиони ѕвезди“, изјавила коавторката на студијата Адина Фајнстајн, студент на постдипломски студии од Универзитетот во Чикаго. „Затоа нашиот тим го создаде „Еленор“. Тоа е достапен начин за преземање, анализа и визуализација за проучување на ѕвездите, астероидите, па дури и галаксиите“, рекла таа“.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За доблести, метафизички роман

Сотировски:

-Ете! Бидете сигурен дека ќе бидат откриени уште…Суштината на нивното постоење е во јадрата…А за Сонцева крв…Господине Александар, јас Ве знам како човек кој ја сака поезијата и пишува песни. Ви го прифаќам тоа метафорички и се надевам дека ќе успеете да раскажете мошне интересна фантастична, метафизичка приказна.

Александар:

-Веќе напишав песна и ја објавив на една социјална мрежа. Сакате да ја слушнете?

Сотировски:

-Со големо задоволство.

Александар го вади од џебот мобилниот телефон и чита од неговиот екран со возвишен глас:

-Ја насловив „Едно и многу Сонца“

Од нашево Сонце
изродивме Сонца
за многу животи
како еден
и за еден живот
со сите родени
и што се раѓаат
до умирање.

Нашево Сонце
нѐ роди и нѐ раѓа
сите нас,
Сонцеви на земјата
негова
вкоренети, стамени,
та никој ништо
да не ни може
за век и веков.

Сонцата
за многу животи
што ги изродивме
се големи, се мали
во нивните срца,
а сосем доволни
за од изгреви
до залези
како будења
и заспивања.

Животите
што ги изродивме
со Сонца
од нашето Сонце
се за еден свет
во кој има место
за секој
со добра мисла
и со дело
што докажува
дека постои.

Д-р Паскал Сотировски:

-Убаво…убаво…Ја сакам поезијата…Време е да се збогуваме, Александар. Ви благодарам на посетата…Ќе ми биде задоволство ако ме посетите пак.

Александар:

-Јас Ви благодарам на вниманието. Ми претставува голема чест што бев некое време со Вас.

Александар го напушта Врбен восхитен од средбата со Сонцевиот и од неговиот прием на песната. Има што да ѝ раскажува на неговата Мира.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here