Потребно време за читање: 4 минути

42.

Мира и нејзиниот брат Марко, триесет и двегодишен дипломиран филозоф, три години постар од неа, во нивното семејно живеалиште; трособен стан, на дваесет и осмиот кат во централната висококатница со четириесет и пет ката. Во собата за дневен престој исполнета со книги, уметнички слики и графики на ѕидовите, наредени и една врз друга во аглите, бронзени и камени антиквитети-голем ѕиден часовник со клатно, свешник, столна ламба и телефон со бројчаник, како и стар мебел-две црни столици, бела застаклена масичка, две зелени фотелји и црвен тросед. Откако беше изградена, утврдено е дека висококатницата е поставена точно на средишната точка на Големиот град. Највисока? Не. Во Големиот град пред неа и во меѓувреме се извишија над неа уште три. Во последно време на граѓаните како да им стана предизвик да заживеат на што повисок кат.

Мира:

-Откога со Александар почнавме да промислуваме за човевчките доблести, сѐ повеќе ни се наметнуваат скромноста, кроткоста и мудроста за луѓе со личен идентитет.

Марко:

-Точно, тие не се за други. Само за со личен идентитет. Ама не знам што уште може да се докаже од она што го кажале мислечки луѓе во минатото. На пример, големиот Волтер за скромноста:

„Ништо толку прекрасно не ни одговара како скромноста на други“. Или: „Лагата ретко кога е скромна. Плевелот расте бујно“. И оваа негова е сосем прифатлива: „Не е доволно да се биде скромен-за тоа треба да се има причина“. Јас најчесто ја користам оваа негова: „Единствена добродетел со која човек може да се пофали е скромноста. Кога би се пофалил со неа, повеќе не би бил скромен“.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Мира:

-Јас можам да цитирам многу други мудрости од други, особено за лажната скромност, но мислам дека кога е збор за личниот идентитет таа е неискажлива и воопшто не треба да се истакнува. Напротив, дел е од нејзината суштественост, заедно со достоинството и постојаноста.Особено ако се има предвид нејзината одбрана со делотворност и дело.

Марко:

-Не знам, може имаш право…А за кроткоста…

Станува од фотелјата, ја вади од меѓу книгите Библијата, ја отвора и ѝ ја подава:

-Еве, прочитај. Не знам за друго, порелевантно за неа.

Излегува на малиот балкон, од кој ја гледа пространоста на Големиот град, а Мира како намерно почнува да чита на глас од него подвлеченото со црвен молив:

-„Тој ги води кротките во правда, ги научува кротките на Својот пат.“ (Псалм 25:9)

Кроткоста е скапоцена благодат. Тоа е подготвеност мирно и без негодувања да се поднесат неволјите и патилата, подготвеност да се издржат искушенијата. Кроткоста е стрпливо настојување да бидеме ведри и среќни во сите околности. Оној што ја поседува кроткоста, таа го наведува секогаш да Му биде благодарен на Господа.

Кроткоста го прави човекот подготвен да ги поднесе и разочарувањето и неправдата, а сепак да не тежнее кон одмазда. Христијанинот со понизен и кроток дух нема да гледа да се усреќи само самиот себеси, туку ќе настојува, заборавајќи на себе, да најде задоволство во тоа што и другите ќе ги прави среќни.

Совршените плодови на верата, кроткоста и љубовта често најдобро созреваат токму во сенката и темнината на бурните облаци.

Ја затвора Библијата, ја остава на местото каде што стоеше, истакната, и му се придружува на Марко на балконот:

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

-Фала ти, брате. Јас навистина не знам што би можела да кажам за кроткоста повеќе од напишаното во Библијата. Таа е секако доблест, и таа суштествена за личниот идентитет, само што нема врска со достоинството и постојаноста, туку ѝ е е најблиска на човечноста.

Марко:

-Можам да се согласам. А што се однесува на мудроста…

Се враќаат во дневната соба. Таа седнува во фотелја, тој спроти неа на троседот.

Мира:

-Направив личен избор на мудри мисли и стојалишта од светски мислечки луѓе во минатото. Доволни за мене, а мислам и за секој што става дури знак на равенство помеѓу неа и личниот идентитет.

Вади од џеб лист испишан ракописно.

-Еве, прочитај,-му го подава на Марко.

Тој чита молчешкум и рамнодушно, како да му е сѐ познато. Одвреме-навреме благо се насмевнува:

„Не верувај во ништо, независно од тоа каде си го прочитал тоа или кој го рекол тоа, дури и ако тоа сум го рекол јас, ако не се согласува со твоето расудување и со твојот здрав разум“. (Буда)

„Сочувај ме од мудрост која не плаче, филозофија која не се смее и величина која не се клања пред деца“. (Калил Џибран)

„Мудроста не е резултат на школување, туку на сеживотно настојување таа да се стекне“. (Алберт Ајнштан)

„Природата ни дала по две очи и по две уши, а само еден јазик, за да можеме повеќе да гледаме и слушаме, а помалку да говориме, зашто никогаш не може да се кажат толку мудрости колку што може да се премолчат глупости“. (Конфучиј)

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За доблести, метафизички роман

„Три патишта водат до мудроста: размислување, тоа е најблагородно; одгледување, тоа е најлесно; искуство, тоа е најнепријатно!“ (Конфучиј)

„На паметниот човек му е речиси сѐ смешно, на мудриот речиси ништо“. (Јохан Волфганг Гете)

„Победата над стравот е почеток на мудроста“. (Бертранд Расел)

„Трагично е оти глупавите се толку сигурни, а мудрите полни со сомневање“. (Бертранд Расел)

„Срцето на мудриот човек никогаш не се разгневува“. (Марко Тулиј Цицерон)

„Само мудрите се богати и кога се мошне сиромашни“. (Марко Тулиј Цицерон)

„Будалиот трча по задоволствата на животот и сфаќа дека е измамен. Мудрецот избегнува неволји“. (Артур Шопенхауер)

„Сета човечка мудрост може да се собере во два збора-чекање и надеж“. (Александар Дима)

„Добрите и мудрите живеат со тивки животи“. (Еврипид)

„Во човечката природа е мудро да се размислува и апсурдно да се дејствува“. (Анатол Франс)

„Мудроста е ќерка на искуството“. (Леонардо да Винчи)

„Кој познава други, бистар е. Кој се познава себеси, мудар е. Кој победува други, силник е. Кој се победува себеси, снажен е. Кој се повредува себеси, моќен е. Кој е доволен на самиот себе, богат е. Кој ја сочувува позицијата, трпелив е. Кој не губи свест во смртта, и натаму живее“. (Лао Це)

Ѝ го враќа на Мира со кус коментар:

-Јас знам некои подобри, потемелни, па и попрецизни, но в ред е. Можеш да користиш секоја при каква било расправа за мудроста. А немаш своја?

Мира му се насмевнува поздравувајќи се и напуштајќи го семејното живеалиште:

-Имам. Јас велам дека мудроста најмногу учи од личното искуство. И најмногу го стамени личниот идентитет.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here