Потребно време за читање: 4 минути

37.

Додека беше жива, сега мртва, одвреме-навреме оживеана и жива, Сонцева радо се сеќава на мислењата и ставовите на Александар за љубовта, рожбата, семејството, семејното огниште, за семејното живеење и живеењето блиско или далечно на ближни. Како докажување на животворноста и вековитоста на зракот сончевина, изворот на вдахновението. На патот на самодокажувањето, извишувањето, на затврдувањето на самобитноста создавајќи, градејќи, надградувајќи, оставајќи им на потомците непорекливи, неприкосновени и единствени дела за опстој и за траење. Се сеќава на секој негов збор.

За љубовта:

„Љубовта, љубов моја Сонцева, е единствена без оглед спрема кого и спрема што. А најсилна е и неприкосновена кога раѓа, кога за по неа остава рожба. Со неа секоја земја е родна, дури и пустина и опустошена. Сум оживеал многу такви“.

За рожбата:

„Аристотел ме учеше и ме научи на многу нешта. Кога е збор за рожбата, тој постојано нагласува дека семејното стебло има најдлабоки корени. Но, ако го исечеше доземи ќе исуши, никогаш повеќе нема да исфидани. Најважно од сѐ е дека неговата крошна мора постојано да се разгранува и да се извишува, едновремено сплотувајќи ги прво со на блиски, па после со на сѐ подалечни семејни стебла. Рожбата, љубов моја, е суштествена за постоење и опстојување во наше време.

Рожбата не е само продолжение на животот, туку и смисла и содржина на сите времиња на нашето семе. Јас и ти отсекогаш во животот и во животот по смртта на рожбата наша ѝ посветувавме најмногу од нашата сила, од нашата енергија, од нашето минато и иднината со него. За неа, за нејзиниот опстој, за нејзиниот свет безграничен го направив она што никој не го направил пред мене, ниту ќе го направи по мене: во летото на 324. година во Суса во само еден ден оженив десет илјади свои војници, Македонци со Персијки, како и осумдесет велможи и високи достоинственици. И јас со нив, со прекрасната принцеза Статира, ќерката на персискиот цар Дариј.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Јас знам и ти знаеш, љубов моја Сонцева, дека допрва иде времето на моите Калаши, потомците на моите војници; на нивното минато и нивната иднина со него. Како една од најдалечните гранки на нашето семејно стебло, дури во планините на Хиндукуш, во долината Калаш, сосе долините Рукму, Мумурет и Бири по течението на реките Алингар, Печ, Ланда, Син и Кунар. Светот допрва ќе го открива животот на селаните во Дрош, Свер, Калкатак, Беор, Ашурат, Јинират. И тоа е дел од моите походи, оној кон Индија во 327. година.

Загрижен сум, многу сум загрижен поради она што се случува денес со нашата рожба. Се отселува, се раселува. Некои во неа сѐ повеќе се оддалечуваат едни од други, дури се забораваат. Особено по твојата смрт и по нашиот безвременски живот по смртта. Нашето семејно стебло како да е сосечено во корен. Како да пресушува. А тоа боли, многу боли, љубов моја Сонцева“.

Александар за семејството:

„Отсекогаш било, е и ќе биде семејството стожер на живот со вредности, достоинство и човештина. Затоа непријателите на човештвото, на неговиот опстој во сите времиња, на обграден или безграничен простор, зломислените, злонамерните и злосторите најпрвин навалуваат, удираат, го туркаат, се обидуваат да го урнат токму тој стожер. Знај дека сите мои походи, сите мои битки биле и се најпрвин одбрана и растење, извишување и возвишување на семејството, на неговото безвременско траење“.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Александар за семејното огниште и семејното живеење:

„Семејното огниште е неугасливо. Напуштањето, оставањето да угасне огнот во него секогаш е привремено. Не минатото, не спомените, не дните и ноќите на предците и потомците поминати собрани, испоседнати еден до друг околу него. И не како траги неизбришливи, тие се вечни, туку неменливо, постојано. Кое не верува, не се надева, а е сигурно дека кога-тогаш пак ќе оживее, ќе заживее, пак Прометеј ќе украде од Хефест оган и ќе го распали во него. Без оглед што е прикован на Кавказ и орел му го клука црниот дроб секој ден. Пак ќе го ослободи Херакле, ќе го убие орелот, а на негово место ќе го прикова бесмртниот кентаур Хирон за да го залаже Ѕеуса. Прометеј е секогаш со секое семејство собрано околу запалено, распалено домашно огниште. Исто како родно. Исто и моето и твоето, моја љубена Сонцева“.

Александар за живеењето блиско или далечно на ближни:

„Којзнае, она што сум го научил и искусил за живеењето блиско или далечно на ближни може некому да му помогне денес или утре.

Ако е вистинско живеење, не на пример живуркање, не на пример изнасилено, не на пример сосила, не на пример замислено, не на пример само посакувано, тогаш тогаш тоа не е блиско или далечно, туку секогаш блиско. Без оглед на далечината, далечините, оддалеченоста. Едноставно е: се знае како и зошто се живее еден со друг, еден покрај друг, а најважно еден за друг. Со мисла и дело, за еден свет.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За доблести, метафизички роман

Моите и твоите ближни, Сонцева, живееја, живеат и ќе живеат блиско и далечно заедно со нас, во животов по смртта, заедно со моите и твоите љубови и доблести“.

Сонцева му вели на Александар:

-Мил мој Александар, вечна љубов моја, може знаеш, а може и не дека Македон успеа со моја и твоја сесрдна помош. Скришно се здоби со мало парче лорандит. Го нарече Сонцева крв оти нѐ видел нас во него. Како што претпоставувавме, како што посакувавме. Со зрак сончевина, како извор на вдахновение. Тој сега создава, гради, надградува и им остава на потомците многу непорекливи, неприкосновени и единствени дела за опстој и за траење.

Дорекува Александар:

-Добро е што го поттикна стариот ковач да му го изработи штитов со шеснаесетзрачно сонце и розета во центарот. Ист како мојот. И што го стави лорандитот во розетата. Го гледам, го следам дење-ноќе. Веќе ја гледа и ја чувствува неговата моќ; со светлината, енергијата, дејственоста и хармонијата. Мене најмногу ме радува дека го научи и знае што и како потаму со системот на нашите четири темели-енергијата, земјата, човекот и волјата.

Сонцева крв и Александар долго стоеја загледани во штитот на Македон, во дневната соба на неговото живеалиште. Некаде пред полноќ прегрнати полетаа, мигум исчезнаа во вечноста и бесконечноста.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here