Потребно време за читање: 3 минути

23.

Од многуте дребнавости во дрвениот ковчег на Сонцева, единствената материјална оставнина од нејзиниот живот со најблиската рожба, Македон скришно, без да види и узнае кој било, прибра еден мал бележник-дневник на ќерка ѝ Огнена. Од Искра, пак, во него немаше ништо, ниту од детството, ниту од младоста. Тој секако немаше да го отвори, дневникот го сметаше за таена исповед, записи кои не се за споделување со никого, за прочит од никого. Но, во овие предполноќни часови од ведрава ноќ, во каква што одамна не бил сам и спокоен, го предизвика насловот на корицата испишан со големи печатни букви: „МОИТЕ ЉУБОВИ БЕЗ ДОБЛЕСТИ“.

Љубопитно и внимателно ги прочита првите страници со наслов „Нешто како вовед“:

„Не знам зошто почнувам да пишувам дневник. Знам дека не сакам да го пишувам за некој да го прочита некогаш, па да го третира како лична исповед. Никогаш пред никого не сум се исповедала, а ни сум помислила ни помислувам да му се исповедам на непознат, кому моја исповед намерно или случајно ќе му падне в раце. Можеби оти немам со кого да го споделувам она што сум го доживеала и преживеала, а имам потреба? Значи сум осамена? Не е можеби, и немам потреба и не сум осамена! Ма глупости!

А и моите љубови без доблести биле и се секидневни, минливи и заборавни, па како такви сосем неважни. Од кои нема ништо за ука и поука, за пример. Или што-годе долготрајно во нив. Зар е можно сите да биле и да се такви? Ниедна да не била и да не е единствена, неповторлива, за паметење? Не знам. Всушност, знам! Сите биле такви на почетокот, кога ми почнувале и ми почнуваат надежно. Кога сум им се предавала и им се предавам со тело и душа, со сите сетила, заносно, дури изгубено. По некое време во некои мигови се раѓале, се раѓаат, надоаѓале, надоаѓаат доблести, особено во решителни и решавачки мигови. Но не се престорувале и не се престоруваат во нив со што би ми ја зајакнале индивидуалноста и би ми го затврдиле идентитетот.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Зошто личен дневник? Едноставно затоа што сакам да оставам нешто пишано за важен дел од мене, од мојот живот, од моето трошење. Од моето трошење пред сѐ! Веќе нагласив дека не го пишувам за некој да го прочита некогаш. Мислам дека сум јасна и прецизна: оставам нешто пишано што може никој никогаш нема да го прочита. Да, моите љубови без доблести се мое трошење, и тоа мошне интензивно, секидневно. Трошење? Можеби е поточно исчезнување!

Ова е најточно: исчезнувам и скоро ќе исчезнам. Контрадикторно е тоа со љубовите? Нели тие го продолжуваат и едновремено го богатат животот? Моите не биле и не се тие! Тие се со доблести, се заедно со нив или се наспоредни. А моите се без нив. Најнапред без нивната сеопфатност, поточно суштественост-како чистота, непорочност, светливост и како смелост, доследност, недвојбеност. Не велам дека моите љубови биле и се нечисти, порочни, темничави, кукавички, недоследни и двојбени. Тамам работа! Само велам дека се без нив. Што значи дека можеле и требало да бидат со нив. Секако не сите, недобројни но ниедна заборавна, збришана во моето минато, ама сите не докрај доблесни. Сите биле со по некоја или со по некои од суштественоста. Некоја чиста и непорочна, но не смела и доследна. Некоја светлива, па темничава, но не недвојбена или смела. Некоја ми била смела и недвојбена, но не сосем непорочна…Мислам на едната и единствена љубов на секого? Најпрвата од сите? Да, точно, мислам токму на неа!

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Јас проститутка?! Јас сексуална работничка?! Ма глупост! Прво, ниедна моја љубов не била, ниту е поврзана со пари, а камо ли условена од нив. Вредноста на секоја зависела исклучиво од вниманието, довербата и посветеноста што сум ги стекнала уште на првиот чекор. Најмногу од содржината! А второ, никогаш не сум дозволувала, ниту дозволувам од парите што сум ги добивала (не заработувала!) во секоја љубов (не само необуздана страст, туку и предигра и игра, и нежности и спокој, и исполнетост и празнина) да ми зависи постоењето (како дел од гола егзистенција или маргинално живуркање) и моето време. Не знам, можеби затоа, меѓу другото, сум имала и имам многу токму такви љубови-без доблести.

Како на секој друг, и моите љубови траеле различно време. Повеќето неколку дена и ноќи, точно шест со недели и месеци, а само една две и една три ипол години. Во дневников нема ни да ги спомнам повеќето од повеќето неколку дена и ноќи затоа што биле случајни и исполнети со премногу баналности. За крај, пред да исчезнам, ќе откријам многу споделени нешта, некои дури премногу болни нешта од двегодишната љубов.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Значи, исчезнувам и скоро ќе исчезнам“.

Македон живо се сеќава дека Сонцева често, кога рожбата се собираше поводно во нејзината приземна куќа во населбата Коренов живот, особено во доцен час често го отвораше дрвениот ковчег и го земаше в рака малиот бележник-дневник на ќерка ѝ Огнена. Не го отвораше, не го прелистуваше, не го читаше, туку го ставаше на срце и ја веднеше главата за никој да не ѝ ги догледа солзите. Тој обично седеше до неа и како само од него да не се обидуваше да ги сокрие.

Памети оти Огнена најмногу од сите сакаше да отиде во одамна опустеното село Мајден, родното на мајка ѝ, и макар скришно да влезе во едно од окната на Алшар. Не можеше да објасни зошто.

Замина незнајно каде, исчезна во меѓувреме.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here