Потребно време за читање: 4 минути

20.

Одвреме-навреме Македон и Ксантија го поставуваат пред нив штитот со шеснаесетзрачно сонце и розета во центарот, ист како штитот на Александар, и жаровито црвеното парче лорандит. Притоа, очите најдолго ги втренчуваат во сончевата розета, а на ум им се бесмртноста и вечното раѓање. Многу ретко се навраќаат на толкувањето дека таа претставува моќ и верба во победа против непријател или во освојувачки походи. Не станува збор за придавање на поголемо или помало значење на симболизирањето, туку за предизвик на индивидуалниот живот и колективното постоење. Бесмртноста како траење во времето или паметење, а вечното раѓање како едновремено продолжување, обновување и опстојување во минато, сегашност и иднина. Во тоа многу им помагаат занимањата и нивната близост-Македон е етнолог, а Ксантија историчар, но и нивните светогледи.

Значи, пред штитот во големата дневна на нивното живеалиште-двокатна куќа од камен и дрво во предградието Север на Големиот град. Во неа уште голем плазма телевизор на голиот ѕид спроти синиот тросед и двете црвени масивни фотелји, библиотека што го покрива ѕидот десно и голема, широка и застаклена тераса лево. Доцен ноќен час.

Ксантија:

-Тоа со неутриното и лорандитот како негов можен геохемиски детектор е важно за физичарите и технолошки најразвиените земји. Не за нас. Ние како народ и држава штотуку почнавме да осознаваме што значи тоа и зошто е толку голем интересот за завладување со наашиов простор. Ние сѐ уште не разбираме што би значело ако се успее тој да се издвои од талиумот. Дека светската наука ќе ги разбере процесите со чија помош се генерира енергијата на Сонцето. Јас мислам дека треба го браниме во Алшар директно соработувајќи во проучувањата. И тоа не само од кражби какви што имало во минатото и веројатно има денес, туку инсистирајќи во странските истражувачки тимови задолжително да има наши експерти.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Македон:

-Се согласувам, Ксантија. Но за мене и за тебе сепак е најважно оти е утврдено неговото директно потекло од Сонцето. Дури не толку непосредната и посредната поврзаност со Александар III Македонски и неговите походи, колку со светлината, енергијата, дејственоста и хармонијата, како и со системот на нашите четири темели-енергијата, земјата, човекот и волјата.

Ксантија:

-Зборуваш за наши, а мислиш на коренот и вкоренувањето на родот, нели?

Македон:

-Да, што претсмртно ми ги кажа како аманет Сонцева. Жаровитово црвено парче лорандит на штитов како Сонцева крв. Како извор на вдахновение, цврсто чекорење по патот на самодокажувањето, извишувањето, на затврдувањето на самобитноста. Докажувани со создавањето, градењето и надградувањето, докажани со создаденото, изграденото и надграденото. Како непорекливи, неприкосновени и единствени дела за опстој и за траење.

Ксантија:

-Знаеш, љубов моја, Македон мој, и јас како тебе, сигурно оти сум со тебе ја чувствувам моќта на Сонцевата крв. Мислам дека таа иде од нејзината светлина, енергијата, дејственоста и хармонијата. Токму како што ти кажуваше Сонцева во претсмртниот час. А кога ќе му посветиме должно внимание на системот на четирите темели-енергијата, земјата, човекот и волјата?

Македон:

-Сега, мила моја Ксантија, во овој доцен ноќен час. Мислам дека е тој најсоодветен оти ги соединува, ги сплотува за нашето траење во минатото, за нашиот опстој во сегашнинава сосе предвидливоста на нашата иднина. Имаме и спокој во него, неопходен за замисла и промисла.

Ксантија:

-Што ти е на ум?

Македон:

-Знајно е многу, но сѐ уште недоволно за Иле или Ѕе, богот на Сонцето, за Божицата мајка Ма и нивниот син Македон. Веќе е нспорно дека Античките Македонци биле посебен народ, а нивното потекло е и во древниот бригиски или фригиски супстрат. Му посветивме доволно внимание и на геоглиф во близина на Свети Николе, со димензии 85 по 45 метри, особено како на слоговна лигатура нацртана на земја, иста со слоговните симболи и лигатури од македонскиот среден текст на Каменот од Розета. Што соодветствува на слоговната лигатура на едно од врховните божества на Античките Македонци-богот на Сонцето Ѕе-Оној што гледа сѐ, како и на неговата почит кон Големата Божица Мајка Ма.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Ксантија:

-Ај елементите по ред. Прво енергијата.

Македон:

-Пред сѐ и над сѐ творечката. Не е важно колку е голема или силна. Важно е дека е постојана, непресушна и препознатлива. Исто како во љубовта помеѓу Иле или Ѕе и Ма. Иста, константна од раѓање до смрт. Несебично пренесена и на нивната рожба Македон. Питомоста на нашите планини, планински врвови, извори, води, полиња, ливади, камењарници, сушни и плодни предели иде токму од неа. Сосе нашата единственост во светот, како длабоко вкоренет народ.

Ксантија:

-Земјата.

Македон:

-Ја носиме во себе и кога сме со неа и кога не сме, кога сме далеку, оддалечени од кои било причини. Така е од искони со нас и со неа, во нас и во неа. Така е и така ќе остане додека нѐ има, до последен, до последна. Таа дарува живот, му дава смисла и содржина, го одржува во нам познати и непознати облици, го храни, го брани. Таа го изразува и докажува животот. Му овозможува да заземе простор, да се вкорени, да опстојува и да се плоди.

Ксантија:

-Интересно. Човекот?

Македон:

-Секогаш кога промислувам за него пред очи ми е скицата на Витрувијанскиот човек на Леонардо да Винчи, односно Канонот за пропорциите или Човечките пропорции; голата машка фигура во две варијанти, со раздолжени раце и нозе, впишани во круг и квадрат. Еднаш ја гледав долго сам во Галеријата на академијата во Венеција, а еднаш заедно со тебе. Се сеќаваш, при неколкунеделната туристичка прошетка низ Италија пред седум години. За мене и за нас таа е најуспешно претставување на поврзаноста на човекот со природата.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За доблести, метафизички роман

Излегуваат на терасата, седнуваат во белите плетени фотелји. Ноќва е спокојна, тивка, со полна месечина.

Ксантија:

-Најпроблематичен не само за мене е елементот волја.

Македон:

-Веројатно затоа што најчесто ја сведуваш на свесното управување на човекот со својата делотворност и непосредната поврзаност со неговата цел, односно како дел од неговиот психички живот. Се разбира, секогаш треба да го имаме предвид неговото значење како психички феномен, процес; сосе нејзините фази, однесувањето, како и нејзиното разликување од желбата. Јас, пак, акцентот го ставам на нејзината сила како човекова слобода, особено кога станува збор за прифаќање на една од можностите како решение и негово остварување.

Ксантија:

-И тие елементи на Сонцева и наши не се спротивставени на четирите основни на структурата на природата, нели?

Македон:

-Мислиш на земјата, водата, огнот и воздухот кои во индиската филозофија се основни конституенти на секој облик на материјата, а во античката елементи на космосот со кои се остварува егзистенцијата на сѐ постојно како неуништливи? И етерот или квинтесенцијата, Аристотеловата непроменлива ѕвездена материја, светлононсниот етер?

Ксантија:

-Да, на нив.

Македон:

-Не се. Напротив, наспоредни се со нив и се надополнуваат. Не само со значењето, туку најнапред како суштественост на човечката самобитност, Да, и како четири страни на светот, четири годишни доба, четири животни циклуси-детството, младоста, возрасното доба и староста. Ја оставам настрана, само ќе ја спомнам нивната иницијациска димензија, битните степени кој човекот треба да ги достигне во своето спиритуално возвишување.

Ксантија:

-А љубовта?

Македон:

-Таа пред сѐ и во сѐ. Онаа на Ѕе, Ма и Македон.

Веќе е доцен час по полноќ. За спиење? За милувања, бакнежи, сексуални игри и разгорена страст.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here