Потребно време за читање: 2 минути

15. Навечер кога излегуваме
на улица за чисти гради

Како ветрот кога ќе забрза
безгрижно време во бистра река.

Како еден стар зајак
со скршено уво од моето детство
дури бега да не го фатам
за другото
(сега мислам дека зелката
и морковот
што ги купивме еднаш
за појадок ли, за ручек ли
или за вечера
никако не смеевме
да ги изедеме без него).

Како прва младешка љубов
под напуштен багрем на умирање,
сосе нашите голи тела,
сосе страст запрена
под засечена стреа до срцевина
со нож искован од старо железо
од наши предци
којзнае кога починати сами,
без нас.

Како тесна калдрма
насила издолжена сѐ до
два бреста обѕидани
до крај и почеток на спомен
на паднат херој за слобода.

Како возбуден коњ натоварен
со греди од суво дрво
што му треба на стопанот
за потпир на куќата
направен пред замин
во невиднина.

Како игла со наденат конец
скриена во желудник
(за вез и пришивка
на закинато скинато).

Прочитај и за ... >>  НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

Како ти кога стоиш исправена
на балкон до јажиња за облека
(ништо не им вели на намерниците
и заскитаните под неа),
со неразбран тревожен глас
од истрошена кула отспротива,
скриен од нејзин поглед
во непребол.

Како желба за откривање
на минато под земјата
што ја чекориме заедно со херој
со една искривена нога
од некоја војна
скршена та зарасната;
непознат воин што гледа
рамнодушно во крик
што нишани во него,
па се смее громогласно
заедно со други ранети и мртви;
а стари рибари фрлаат мрежи
во суво езеро
додека облаци се плашат
да се истурат за да не нѐ
соголат до гола кожа.

Сѐ така ние излегуваме на улица
за чисти гради, а тие преполни
со знајни и незнајни,
гладни и сити,
непокорни и поразени,
наутро до навечер,
точно напладне до полноќ.

Како носени на раце
од добри луѓе
оболени од љубов
и страдни за нежност
за спокој.

Како во покој со плач на дете
во кој скоро ќе легнеме,
ќе заспиеме
за никогаш повеќе
да не се разбудиме, да не станеме.

Прочитај и за ... >>  НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

Така некако ние
излегуваме навечер на улица,
па тргаме кон сонцев зрак
меѓу безличен и игрив свет.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here