Потребно време за читање: 2 минути

28. Животно со десет раце

Ги немаше сите на ред наеднаш,
ниту само на една, па друга страна;
подадени кон некој
или нешто кон мене,
од мене да земат барем лице
да ми покријат
можеби поради длабоката вода
во која сѐ почесто тонеше
мојот молк.

Тоа животно имаше девет раце,
а јас ко да гледав седум, 
некогаш пет;
секогаш сите кога ќе го догледав
без здив,
додека една по една се обидуваат
да ме зграпчат и да ме повлечат
во неговата бездна.

Притоа со првата најчесто
ми го стегаше коренот;
се обидуваше да го крене до сонце,
а потоа молневито да ме фрли
во воздухот како дете
насмевнато во сон.

Притоа со втората рака внимаваше
што понежно да ме прегрне
и да ме легне до жена, до мајка,
најмногу за тежок плод;
само еднаш видов убост
како големо око
над длабоката вода.

Притоа со третата ми го стегаше
стеблото,
па ми го лулаше да заспие
и да нема страв;
јас разбрав дека сака заедно
да тонеме во брановито море 
со далечни брегови.

Прочитај и за ... >>  НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

Со четвртата со петтата,
со шестата, со седмата,
со осмата и деветтата рака
еднаш собираше уморна крв
од бесцелна војна
сосе суви коски во мека земја;
другпат со остри камења 
си го чистеше срцето 
од празнотии и немотии;
третпат пливаше нечујно ноќе
криејќи моја нова сенка
со безгрижна смеа;
чеврти се миеше со нова пена
од плима и осека
како од устата, низ заби
му излегува и му паѓаа на телото
од високо.

Петти пат ко да бев со него
на улица;
тој леташе со железна метла
чиниш вештерка од бајка
во моето одамна заборавено
лунѕање низ светот
помеѓу јаве и сон.

А шести или којзнае кој пат
скокаше од една до друга
подводна планина; 
и секој што ќе го догледаше
бегаше,
особено децата зад градите
на своите рамнодушни
од болки мајки.

Притоа врескаа со отворени очи 
како слепи и во крв
од бесцелна војна,
ниедна посилна од сите,
како од камен изделкани.

Прочитај и за ... >>  НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија

Тоа животно имаше десет раце
кога успеа да ме зграпчи,
да ме стегне и да ме повлече,
да ме одвлечка во неговата
бездна,

во неговата огнена утроба.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here