Потребно време за читање: 2 минути

42. Низ секој ден магла
и секој ден низ магла

Маглава што мине
низ секој мој ден
пее како неврзано,
како да блада,
како да не може да врзе
ништо од пред мене
до во мене.

На пример,
дека во некој миг
од лунѕање со неспокој
нараснале води
над боса кобила,
сосе единствен чад
пред куќа
во моја дамнина
што изгоре од немајкаде,
а јас ја чекав од небо.

Па потоа,
во продолжение,
дека кобилата почнала
да бега,
може од страв од
в оган испеани песни
на луд пријател,
со боја за чевли
на опашот врзана;
кого го заборавија
во четири ѕида
без врата за излез.

Маглава настојчиво
мине низ секој мој ден,
та веќе нараснале очи 
над три високи тополи 
одамна исечени
од болни глави во страв.

Дете во мене памети
бразда што пресекла
стара жаба
кога водата осамнала
до кожа зелена
и кога на едно поле
сретсело
за печал се играло
тешкото сѐ потешко.

Прочитај и за ... >>  НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

Маглава е сѐ погуста,
веќе не може ниту
да се спознае
нејзината сушност,
а незабележано скорива
под камен влакно од грива
на боса кобила.

Потоа запира една лисица
во бег,
слезена од висока планина,
гладна до снеможеност.

Најсетне бара да ме бакне,
никогаш исто ко порано,
ама наеднаш поврати
горени и урнати  градови
од моите патешествија.

Маглава е сѐ погуста
и игрива како дете,
ма како детиште.

Не знае што е тоа ден 
до заборавено село
на врв на планина,
над град
во кој оставив коски,
кожа и лице, глас и стас.

Како дете игриво,
ма како детиште
ја чувствува в уста
сварената школка
што ја фати додека
ја нуркаше главата
во бистро езеро
за да гледа под вода
со бистро око.

Најсетне
побара разговор 
со моја вистина
за последен пат,
а одамна не знае ништо,
освен каде потаму
пред да ме задуши
неговиот сон.

Кобилата му избега боса
како дете,
ма како детиште.

Прочитај и за ... >>  НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија

Белки ќе успеам некогаш
да  ја најдам, да ја фатам
и да му ја вратам,

па да ја јавне
и да ја пробие
маглава што мине
низ секој мој ден,
и да излегува и да бега
од неа секој ден.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here