Потребно време за читање: < 1 минута

32.  Бразда по разделба

Во моиве спомени има
дамнешна војна
пред корени и високи треви
од силни дождови;
како да е можно да не била
без војски
на рид и под него.

Татко ми не нѐ остава
и нема;
одвреме-навреме ни дава
сув леб со малку сол
во врзопче
за да го изедеме од глад
пред жед.

Забележувам
дека е сѐ понервозен;
како старее,
сѐ почесто ги реди пред нас
пожолтените фотографии
од неговото детство,
а особено оние со него
во една улица
со стари дрвени куќарки;
вели дека е тој на нив,
како дете
продава гевреци.

Не знам зошто
не ме дослушуваш
љубена;
татко ми не нѐ остава
со тишина
додека не раскаже колку
го измачувале
в зандана, на гол камен,
во црна темнина.

Не знам зошто
не ме дослушуваш
љубена,
та ме предизвикуваш
да правам сенешто;
на пример кога си гола
на хоризонтот
да те покривам со игра
на птица
и зрак залезен.

Прочитај и за ... >>  НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија

Татко ми одвреме- навреме
си зема сув леб и малку сол
во врзопче
за да му се најде кога
од глад пред жед
ќе ги догледа и ќе тргне
кон војските на рид
и под него,
во дамнешна војна
на корени, на траги
во високи треви
по силни дождови.

По нашата разделба,
јас без него ти без мене,
ми остана сал браздава
од челово покрај
десново око
до горнава усна;
дека сум бил воин
во дамнешна војна,
едновремено
твојата и моја
игра на птица и зрак
во најтивкиот агол
крај нашето
домашно огниште.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here