Потребно време за читање: < 1 минута

3. По бесцелна битка

Поради бреза
со расплетена коса,
поради усни распукани
од сушина,
поради лице стогодишно
пред тебе некое време
те прашувам:
која ли те сенка соголила
до коски и заборав?

И ветрот ме разниша
во корен, избеган воину,
па подобро гледај си го
коњот под тебе;
може да ти падне
од предолго јурење
низ огнови и пепелишта
со смртна пена на јазикот.

Ја гледаш ли мојава облека,
избеган воину
од бесцелна битка?
Таа може да те пречека
сосе мене или без мене
желно.
Но зошто ти имаш
суви раце, а не носиш
земја в гради
за кога ќе загинеш
со скрвавена рана на чело
во неа да си го закопаш
последниот издив?

Остани човек и врати се
откога осозна
дека мртви деца
не колнат,
дека тие само гледаат
во сонце како нȇми
немо.

Ја гледаш ли тревата
околу моиве корења,
избеган воину
од бесцелна битка?
Таа ти се виѓава обична,
може и убава
со светулки, пеперутки,
полжави, бубалки,
нели.
Таа со часови исчекува
да легнеш во неа,
да се сокриеш во неа,
да те покрие,
ни луња ни молња
да не те открие.

Прочитај и за ... >>  НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

А скршената коска
од твојата снага
што гладна и жедна
им ја остави на тишини
ќе ја покрие совреме
врел песок.
Така било отсекогаш
И така ќе биде секогаш.
Судбина.

Разбуди се,
избеган воину
од битка бесцелна,
да не те најдат,
да те фатат,
па да те вратат во неа
оние што не можат
мирно да спијат
дури војуваат.

Ама в ред е!
Мртви деца не колнат,
тие само гледаат
во сонце како нȇми
немо.

Поради ова детенце
в раце што ми спие
мирно,
рожба на љубов страсна,
ајде јас и ти, воину,
да бидеме заедно
до зајдисонце,
до изгрејсонце.

За да не ни биде
само едно,
за да не ни биде.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here