Потребно време за читање: < 1 минута

5. Безгласно пеење

Во твојата немост пустошна
веќе пропаднале
и допрва ќе пропаѓаат
војски силни
скаменети, изранети
пред чие било никое
или некое време.

Во твојата шума од зброви
неплодни
ќе снеможат, од снеможност
мигум ќе исчезнат
сите бистри умности
за паметење
кажани, пишани,
оставени од предци
пред години и векови.

Ти или никој друг
извикуваат голи коски
и черепи фрлени в јама,
па затрупана со мрачнна,
па препеана од птици живи
и на сонце и на месечина,
па оставена над нас
како незаборав;
ти или никој друг
извикуваат градини
со секакви цвеќиња
што како живи сенки
на твоите гради
процветуваат.

Да те имам ноќва игра,
да те имам без никаква
смисла,
извикувам јас искачен
на брег стрмен
среде глуво доба;
заедно со клуч
во моето ковчеже
сокриено од кои било,
од чии било љубопитници,
што отвора зборови
сосе поствеста на молкот;
заедно со мртви војници
меѓу две бистри реки,
наредени според траењето
на претсмртниот час.

Прочитај и за ... >>  НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

Да те имам ноќва
слободоумна,
па да летаме заедно,
па да те прелетувам
додека си премалена
од војувања со возбуди,
додека издржува
непорочната љубов
и ние со неа
во куќа под отворено небо
пред секакви навалици
на безумници;
додека се превиткува,
се стутулува твојата снага
до мојата,
па се гласи
од едната страна до другата
на мојот огнен свет,
како ветар во пердув
на птица со скршен клун
која дури бевме деца
ја фрлавме високо
над нашиот планински врв.

Знаеш ли ти,
безмерна природна убавино
деноноќна,
родена на изгрејсонце,
знаеш ли дека
ако го приберам
во мои прегратки
твојот длабок воздив
по збогум
ќе се урнат до последен камен
сите ѕидишта и сите ѕидини
во нашава сегашнина,
во нашава невиделина,
во ниедново време
со недоброј крици од бездна?

Знаеш ли ти,
безмерна природна убавино
деноноќна,
родена на изгрејсонце?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here