Потребно време за читање: < 1 минута

29. Поздрав на разминување

Сме имале некогаш наши
балкони
на кои сме пладнувале
гледајќи го ридот што
на врвот нѐ сплотуваше;
од нив ги следевме внимателно
нашите игри и криенки на него
и нашите деца,
да не му се предадат на стравот.

Имало некогаш нечии
балкони
од едната страна на реката
со бел камен под мостот.

Сега е сѐ едно дење и ноќе,
од утро до самрак,
во ветер, низ магла;
старо дрво речиси соголено,
со парчиња избраздена кора,
како стара, како безживотна,
и смола и единствен корен,
повеќе надземен
одошто подземен.

Сега е чистина помеѓу нас,
безогледна пустелија,
со задушен воздух
и обичен, неврзан,
дури бесмислен разговор.

Седнуваме на камен
на другата страна на реката
како измислени сенки;
со пуштена коса ти,
со подбелена јас.

Гледаме во безгласната вода
што долго патува
од извор до невреме.
Едновремено посакуваме
да нѐ видат со нашите игри
и со криенките на нашите деца
кои никако не му се предаваат
на стравот.

Прочитај и за ... >>  НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

Во нашите тела далечни ѕидови
од туѓини изѕидани којзнае кога
и за кого;
можеби оставени, заборавени
за никој да не може да ги урне.

Престани, ми шепнеш,
сакам да ја дослушам водава
безгласна
што долго патува од извор
до невреме.

Ако седнеме на каменон
на другана страна од мостон,
ти шепнам,
знај дека ќе биде подлабока
самоста помеѓу нас,
ќе биде потивко молчењето
од нас
и ќе биде со нас мајка
како земја за сите, за секого,
во никаде, во никогаш.

А ти, ако останеш тука,
ми шепнеш,
сам откако ќе заминам
којзнае каде,
откако ќе исчезнам за никого
никаде,
и ако не го дочуваш насмевот
сосе игрите детински наши
и на нашите деца,
убав и невин насмев,
знам дека по време
ќе се фрлиш од балконите
на кои сме пладнувале
гледајќи го ридот што
на врвот нѐ сплотуваше.

Знај дека ридот, ти шепнам,
сега зборува за нашето минато
на трета страна на рекава
со бел камен под мостот
како скаменета трага
на нашето постоење,
а никој не сака да го слуша.

Прочитај и за ... >>  НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here