Потребно време за читање: < 1 минута

10. Нешто неспорно

Одамна лежам снеможен
во поноров што ги дели
сеќавањето и заборавот,
та веројатно затоа
оние во кои сѐ уште сум
решија да ме однесат
подалеку, којзнае каде
како никаде;
а воопшто не се загрижени
дека потоа во него ќе остане
само еден стар костен
над мене загранет,
под мене раскорен.

Ова ненадејно утро
над мојата глава прелета
птица без клун и крилја;
од тебе ми донесе порака,
убост,
дека никогаш повеќе нема
да запреш со скитанието
низ запустени земји,
ниту да се сплотиш со мене
во некој плод за живот;
за да не се случи случајно
да почнат да те следат
во чекор
мртви воини в миг
разбудени, оснажени,
да станат од нивните
гробови камени
и одново да те поразат.

Чудни нешта почнаа
да случуваат
сончевите зраци
на твојата глава
додека се збогувавме.
Не само што почнаа
да ти ја растат
стројната снага кон мене
дури бев на врвот од ридот
затворен во облак,
туку и лицето почнаа
безразложно
да ти го брчкаат за грижи
од вчера, од утре
сосе пустината денес
во твоето срце.

Прочитај и за ... >>  НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

Чудно ја растеа природата
околу нас
сончеви зраци
на твојата глава,
а рацете, а нозете, а очите
никако да достасаат
до мојата дамнешна семоќ.

Дали штотуку се раѓаше
или полека почна да умираш?

Ме бегале, ме бегаат
од сопствените
темни простори на свеста
заградена, опколена
со кошмарен сон
во кој има само воздив
и осама.

Јас сѐ уште не знам,
ниту знам дека ќе дознаам
што се обидуваше да излезе
од твојата уста секој миг
сѐ поголема;
некој нем збор ли,
некој лелек од смрт ли,
некој потоп ли од матна
надојдена вода по порој,
самраци, луњи?

И порасна додека лежев
одамна снеможен
без ништо живо
на хоризонтот;
дури и годишните времиња
ми ги оставаш во неред.

Та сега не знам
дали во пролетта
на твојот замин, убост,
има доцна есен во која
одново ќе ми се родиш.

А оние во кои сѐ уште сум
конечно решија
да ме однесат подалеку,
којзнае каде како никаде;
без никаква грижа
дека потоа во поноров
ќе остане  само
еден стар костен
над мене загранет,
под мене раскорен.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here