Потребно време за читање: < 1 минута

25. Од добро утро

Сакам да го замаглиш
незнајниов лик
(мој ли е или твој?)
до непрепознавање
што стоеше сношти
со нас под врбата
нажалена
поради едновременост
на мисла и заборав
на предците;

а и оној беззабен
што меле
излитени зброви
од пред до по полноќ
како да се
воденички камења
во неговата гладна уста.

Сакам да го замаглиш
незнајниов лик,
скрвавен и модар
до непрепознавање,
закачен на ѕидот
на мојот помин во миг
на наш опстој со љубов;

паметиш ли
дека едно време како деца
во небрежна игра
од неговите очи
фрлавме зовриено масло
како од неосвоив бедем
опколен
со огнови и молњи
во црни облаци?

Стоиме јас и ти
секаде
во самота до суден час.

Стварноста ни е
неизвесна
и во ова добро утро
оти сме пред избор
помеѓу
злодоба на светот
и недобол на екот,
помеѓу две планини
до небо;

нечиста е, затруена е,
обѕидана е
со студенина и мрачнина.

Прочитај и за ... >>  НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поезија/поетска студија за играта*

Сакам да го замаглиш
незнајниов лик
(мој ли е или твој?)
до непрепознавање
оти стоеше сношти
со нас под врбата
нажалена
поради едновременост
на мисла и заборав
на предците;

пред наши очи
изранети од помисла
да останеме заедно
дури не почнат
да ни пустинат
голите коски.

Зошто стоиме јас и ти
секаде
во самота до суден час?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here