Потребно време за читање: < 1 минута

21. Човек и плодна земја од човек

Човекот
имаше судбинска бразда
до снеможената снага,
под јазикот запалена свеќа,
на градите скриена сенка,
а во зборот извор на река.

Плодната земја
имаше судбинска бразда
од снеможена снага,
над јазикот запалена свеќа,
во градите скриена сенка,
а пред зборот извор на река.

Човекот
имаше извишено дрво
над главата,
под коските цвеќе
овенато
уште од детството можеби,
а во облаци очи
без секавици помеѓу нив.

Плодната земја
имаше извишено дрво
во паметењето,
коските покриени со цвеќе
овенато
уште од смртта можеби,
а во облаци воздиви
сосе невреме неуморно.

Човекот
имаше длабоки грижи
во челото
со знаци и писмо и бројки,
од маски до штитови,
од мисли до молчења,
од нули до симболи;
устата полна треви
сосе суши,
под самост брегови
на разбранета река,
сосе обид сон
од заумност
да надвладее јаве
во стварност.

Плодната земја
имаше длабоки грижи
под меѓникот
со знаци и писмо и бројки,
за разбирање, од неразбирање;
устата полна треви
запустени,
зад немост брегови
без разбранета река
што би ја успокоила
дури не се крене
и врз поројна мрачнина
не се истури.

Прочитај и за ... >>  НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

Човекот
беше престигнат од смрт,
под срцето грутка жед,
во играта последна мугра
со леб, сол и плевел.

Плодната земја
беше заробена
од длабоки корени,
над срцето огнена стрела,
до песната последна мугра
низ ветришта и пепелишта.

Еднаш мравка удри
во пајажина сплетена
помеѓу човекот
и плодната земја.

Оттогаш нема ништо
за нив за допејување.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here