Потребно време за читање: 3 минути

Со многу трпение, толеранција и разбирање (пролонгирање на роковите) конечно дојде до неодложно, неопходно стандардизирање на условите и мерките за производство на храна.

ХАСАП системот не е некоја „измислица“ на светот, туку систем на безбедност во производството на храната без чија примена не е можно занимавање со овој бизнис.

Иако „никогаш не е доцна“, се наметнува заклучокот дека строгите правила на Европската унија требаше да бидат одамна применети, како дел од европеизацијата на нашето севкупно живеење, работење и дејствување. А не дури сега кога, на пример, се прават последните подготовки за конкурирање за средства од ИПАРД фондовите за кои, помеѓу другите услови, е токму поседувањето на ХАСАП системот.

Заврши кампањата за вградување на ХАСАП системот за безбедност на храната, но не и контролата на неговата примена. Таа траеше 4 месеци, а целта беше да се поттикнат производителите на храна од животинско потекло да работат според европските стандарди.

Законот за воведување на ХАСАП стапи на сила на 1- ви октомври, а во изминатиот период инспекторите на терен ја проверуваа целата документација што ја има ХАСАП тимот на компанијата, но едновремено се вршеше и анализа на опасностите на критичните контролни точки во производството на храна, односно согледување на биолошките, хемиските и физичките ризици од влезните суровини, производството и дистрибуцијата до крајниот потрошувач.

Прочитај и за ... >>  Дали се можни вонредни парламентарни избори во Грција?

Засега од вкупно 240 оператори со храна од животинско потекло 8 добија времена забрана за работа. Засега, затоа што по 10 дена ќе започне нова серија на контроли со цел да се испита колку правилно се применува ХАСАП системот или се останува само на поседување на сертификат. Резултатите ќе бидат познати по Нова година.

Веќе е надминато уверувањето дека воведувањето на европските стандарди на производство е скапа инвестиција. Како таква можеби да, зависи од постојното „стандардно“ технолошко и организационо ниво, но во многу брз рок исплатлива од аспект на зголемено производство и продажба, а пред се (по)висок квалитет. Системот е строг и не дозволува никаква импровизација.

Во врска со „поврзувањето“ при конкурирањето за пари од ИПАРД фондовите (45 милиони евра кои заедно со македонскиот дел се околу 60 милиони евра, а правото на користење е до 2011- та година), земјоделците веќе се соочуваат со нужноста од поседување на сертификат за ХАСАП системот за безбедност на храна, заедно со другата документација и бизнис планот. Тоа се однесува особено на оние што планираат инвестиции во млечната, месната индустрија и кланици, но не значи дека строгите стандарди нема да важат и во другите клучни земјоделски сектори- овоштарство, лозарство, сточарство, преработувачка индустрија.

Прочитај и за ... >>  Полнолетна држава?!

Мал потсетник за суштината на ХАСАП (HACCP) стандардот:

HACCP е кратенка од Hazard Analysis Critical Control Point, што во превод значи Анализа на опасност и критични контролни точки. Тој претставува логичен, научно фундиран систем на контрола, а овозможува идентификација и проценка на сите можни опасности, односно на секој физички, хемиски или биолошки ризик, во сите фази на процесот на производство, вклучувајќи ги сите меѓупроцеси и дистрибуцијата на прехранбените производи; исто така и неопходни мерки за нивна превенција и контрола, како и сигурност дека тие ќе бидат спроведени успешно и на делотворен начин.

ХАСАП- от води потекло од Pillsbury Company, која работела за NASA, и лабораториите на американската војска. Бил заснован на инженерски принцип на анализа на грешки, начини и ефекти во која било фаза на процесот и поставување на ефективни контролни механизми. Спроведен е со цел микробиолошка безбедност на храната во раните фази на вселенските истражувања на САД, а за да се сведе на минимум веројатноста од труење со храна во вселената.

Прочитај и за ... >>  Одложен датумот за преговори за членство во ЕУ

Системот е прифатен во 70- тите години на минатиот век и оттогаш е меѓународно признат како HACCP систем за произвосдство на безбедна храна. Признат е и од Светската здравствената организација (WHO) како најефикасно средство за контрола на болести предизвикани со храна.

HACCP системот е денес услов и легитимација за меѓународна трговија со храна, а во повеќето европски земји е законски условен.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here