Потребно време за читање: 4 минути

Потрагата по преживеани по катастрофалниот земјотрес, кој во понеделникот ја погоди централна Италија, официјално заврши (пред два дена), а за италијанската и светската јавност остануваат бројни отворени прашања. Од нив најважното е секако предвидувањето и навременото предупредување на населението. Ова особено ако се има предвид дека земјотресот во Аквила го предвидел еден научник, а поради што бил казнет!

Последната жртва на потресот е еден 59- годишен маж кој за време на викендот починал в болница. Повредени се 1.170- мина луѓе, од кои 170- мина се наоѓаат во тешка состојба. 40.000 жители на областа останаа без покрив над главата, а се оштетени и десетина историски градби.

Илјадници луѓе кои останаа без своите домови велигденската миса ја славеа во импровизирани капели во шаторските населби, а присуствуваше и италијанскиот премиер Силвио Берлускони.

Меѓутоа, тлото не се смирува. Дури 6 нови земјотреси, најсилниот 4,9 степени според Рихтер, го погодија ноќеска гратчето Аквила. Засега нема информации за човечки жртви или материјална штета.

Покраината Абрузо, која е најтешко погодена во земјотресот, од вчера ја зафати невреме, студ и дожд.

Интересно, но не и неочекувано е откритието дека земјотресот на 6- ти април ја поместил земјата за 15 сантиметри. Сателитските снимки од 23- ти март и 8- ми април на погодената зона ја покажуваат таа разлика, што, се разбира, говори за јачината иа „ударниот“ земјотрес, бројот на помали последователни потреси, а пред се за активноста на земјината кора, тектонските поместувања кои би можеле во блиска иднина да предизвикаат нови.

За геолозите земјотресот не претставува никакво изненадување. Сеизмологот Рајнер Кинд, од германскиот Центар за геолошки истражувања во Потсдам, посочува дека Италија, заедно со Грција, спаѓа во најопасните подрачја во Европа. Во историјата Италија неколку пати ја погодувал земјотрес. Причина е што таа се наоѓа на тн. тектонско трусно подрачје. Низ тој дел од Европа минува линијата по која се спојуваат две тектонски плочи. Околу 20 милиони луѓе живеат токму во подрачјето кое е директно загрозено затоа што тие плочи се судираат. Уште во 1997- ма година ова исто подрачје се најде во удар на потрес. Тогаш загинаа 13 лица. Тоа се повтори во 2002- ра година, а притоа страдаа 30- мина луѓе (од нив 27- мина ученици и наставници во едно училиште во селото Сан Ѓулијано ди Пулија, кое се урнало).

Прочитај и за ... >>  Трагичен биланс и прашање без одговор

Необично, повеќе загрижувачко за Италија (па и срамно) е она што му се случило на Ѓанпаоло Ѓулијани. Имено, овој италијански научник го предвидел земјотресот во Аквила неколку недели пред тој да се случи, но им бил пријавен на властите дека шири паника помеѓу населението. Во средината на јануари во регионот се почувствувале првите потреси и оттогаш тресењето на тлото било редовно, што било причина населението на древниот град, оддалечен околу 100 киометри источно од Рим, да биде внимателно. Откако сеизмологот Ѓулијани, врз основа на концентрациите на гасот радон околу сеизмички активните области, предвидел дека силен земјотрес ќе го зафати регионот, комби возила со мегафони пред еден еден месец се движеле низ улиците повикувајќи го населението на евакуација. Тоа предизвикало незадоволство кај градоначалникот, па бил пријавен на полицијата дека „шири паника“ и принуден од Интернет да ги отстрани своите откритија, а морал и да плати позамашна казна за вознемирување на јавноста.

Прочитај и за ... >>  Ирак се покрвав

Уште повеќе, Агенцијата за цивилна заштита на 31- ви март во Аквила одржала состанок со Комитетот за големи ризици, во чиј состав се научници задолжени за проценка на слични ризици, за да го убеди населението во сигурноста на областа околу градот. Во соопштението се наведува дека „потресите што се чувствуваат се дел од типична секвенца која е апсолутно нормална во сеизмичка област како оваа околу Аквила. Корисно е да се знае дека на каков било начин не може да се предвиди доаѓање на земјотрес“.

Откако медиумите поставувале прашања за наводниот неуспех на власта да го заштити населението пред земјотресот, директорот на Националниот институт за геофизика Енцо Боки ги отфрли предвидувањата на Ѓулијано. Тој истакнал дека секогаш кога ќе се случи земјотрес се јавуваат и луѓе кои тврдат дека го предвиделе и оти, колку што тој знае, никој прецизно не предвидел кога некој потрес ќе се случи и е неможно тоа да се направи.

Инаку, Ѓулијани не е „обичен“ сеизмолог. Тој е истражувач на италијанскиот Институт за нуклеарна физика, и самиот по потекло од Аквила. Бесен е оти властите не верувале на неговите предвидувања:

„Многумина ќе мораат да ми се извинат, а ќе имаат и проблеми со сопствената совест“.

Не е познато дали му се извиниле (јавно тоа не го сториле), но сигурно е дека посочените „многумина“ немаат проблеми со совеста. Уште помалку ќе бидат казнети поради „ширење на смирување“.

Прочитај и за ... >>  Можностите на светската популација

Упатена е и лавина на критики поради неподготвеност и неорганизианост на прва помош.

Според министерот за внатрешни работи, Роберто Марони, обновата на централната италијанска област Абруцо ќе чини 12 милијарди евра. Првичните проценки се движеа од 2 до 3 милијарди евра.

Силвио Берлускони повторно не успеа да се контролира. И во врска со катастрофалниот земјотрес направи два непростливи гафа. (Многумина Италијанци изјавуваат дека се срамат оти имаат толку „откачен“ премиер, а неговиот рејтинг е мошне низок.)

При посетата на луѓе в блница настрадани во земјотресот неговото внимание повеќе го предизвикала една лекарка на која и дофрлил:

„Не би се противел вие да ми го спасувате животот“.

Се чини дека лекарката не го сфатила негативно овој коментар на премиерот. Таа изјавила дека е тој галантен и во оваа трагична ситуација само се трудел да измами нечија насмевка.

За спомен и долго сеќавање лекарката со целиот тим се фотографирала со премиерот, кој во таа прилика ноншалантно ја држел за рака.

Фабиола Кариери преку ноќ стана позната во Италија, а илјадници Италијанци и се воодушевуваат на црвената коса и небесно сините очи, објави Daily Mail.

Претходно, говорејќи дека сите ќе добијат помош, Берлускони им се обрна на настраданите и им рече се ова да го замислат како еден вид на кампување.

„Ним ништо не им недостасува. Имаат доволно лекови, медицинска грижа и топла храна. Навистина живеат под привремен покрив, но можат да си замислат како да се еден викенд на кампување“, повтори во интервју за една германска телевизија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here