Потребно време за читање: 4 минути

Можно ли е во Република Македонија да се случи киднапирање на политичар? Досега не се случило, не е верно дека наскоро ќе се случи, но никогаш не се знае. Во моментов прашањето е дали тоа некој го заслужува, односно зошто некој би го сторил тоа. Најважно: киднапирањето е најчесто „поддржано“ со барање на поголема сума на пари за откуп. Тоа, пак, претпоставува и цена- вредност (различна) на македонските политичари. Која е цената- вредноста на актуелниве? Илјадници, милиони евра?

Она што е познато е дека врвните- на највисоките државни позиции (но и во опозицијата) вообичаено имаат „цврсто и широко“ лично обезбедување, вообичаено по неуспешниот атентат на Киро Глигоров на 3- ти октомври 1995- та година.


За разлика од Македонија, во други балкански и екс југословенски држави киднапирањето како да станува нова „крими практика“. Деновиве внимание предизвика киднапирањето на поранешниот хрватски член на Претседателството на БиХ, Анте Јелавиќ.

Најновата вест е дека загрепскиот Жупаниски суд одредил покренување на истрага и едномесечен притвор за Марио Миличевиќ и Владо Ќориќ Барун, двајца од 5- темина осомничени за минатонеделното киднапирање на Јелавиќ.

Двајцата, кои беа упасени во петокот во Загреб, се бранеа со молчење. Се знае дека Миличевиќ бил припадник на ХОС, а подоцна се придружил на „Казнена бојна“ на хашкиот осуденик Младен Налетилиќ Тута. Тој е во бегство откако и самиот е обвинет за учество во воени злосторства на подрачјето на Мостар. Хашкиот суд неговиот случај му го препуштил на босанскохерцеговското правосудство.

Прочитај и за ... >>  Хрватска во „стресна состојба“

За киднапирањето се товарат и тројца други осомничени – синот на Марио, Влатко, Далибор Пргомет и Саша Савиновиќ, државјанин на БиХ, кој е единствен во бегство.

Осомничените на 8– ми април во Загреб го киднапирале Јелавиќ и побарале еден милион евра за откуп. Национал хр. прв објави драматични детали од киднапирањето. Се тврди дека Миличевиќ ги признал, а полицијата има и материјални докази за нивно учество. Потврдено е дека Јелавиќ од своите грабнувачи избегал без ничија помош, откако врзан со лисици во два багажника минал полни 9 часа, за потоа заклучен ноќта да ја мине во една зафрлена и напуштена куќа на подрачјето на Рама во Херцеговина.

Еднодневниот пекол на Јелачиќ започнал во Загреб додека купувал продукти за Велигден. Враќајќи се кон својот автомобил, на паркиралиштето му пристапил маскиран човек на кого набрзо му се придружиле уште три лица, исто така со маски на лицата. Судејќи според се, тие го следеле до пазариштето зашто таму бил и автомобилот во кој го втурнале. Грабнувачите ништо не му рекле, туку само му ставиле леплива лента на устата, му ги врзале рацете и потоа го заклучиле во багажникот. Таму минал неколку часа, во текот на кои автомобилот не застанувал. Откако запрел и излегол, Јелавиќ веднаш сфатил дека се наоѓа на подрачјето на Јабланица во БиХ.

Грабнувачката четворка го предала во рацете на тројца маскирани, кои го втурнале во багажник на друг автомобил и продолжиле со возењето. По неколку часа запреле кај осамена куќа на непристапен терен. Откако по вторпат бил извлечен од багажникот, маскираните грабнувачи за првпат му се обрнале на Јелавиќ. Едниот од нив му пристапил и му рекол дека се наоѓа во Босна и Херцеговина. Во тоа време семејството на Јелавиќ веќе повикало полиција и го пријавило неговото исчезнување.

Прочитај и за ... >>  Климата го возвраќа ударот

Во средата, околу 23 часот, откако го затвориле во една од просториите на катот на зафрлената куќа, му врачиле ливче на кое пишувало дека бараат откуп од милион евра. Потоа му дале мобилен телефон преку кој и се јавил на сопругата и на барање на грабнувачите само ја прочитал пораката.

Во истата просторија Јелавиќ ја минал ноќта. Следното утро му пристапил еден од грабнувачите и пред него за првпат ја симнал качулката. Веднаш го препознал, а тој изразил жалење што учествувал во акцијата. Му рекол дека тоа го сторил зашто налогодавците и него подолго време го уценувале.

Откако грабнувачот излегол од собата настанал целосен молк, па Јелавиќ набрзо сфатил дека би можел да биде сам во куќата. Со нога ја искршил заклучената врата и се спуштил во приземјето во кое немало никој. Истото го сторил и со влезната врата на куќата.

Кога излегол во дворот сфатил дека се наоѓа на подрачјето на Рама, 40- тина километри од Мостар. Бидејќи добро го познава тоа подрачје, избегал кон блиското село со хрватско население. Таму во една куќа му ги извадиле лисиците и од нивниот телефон тој повикал пријатели во Мостар. Тие набрзо стасале со автомобил, а потоа околу 22 часот го довезле во една од загребските полициски станици.

Прочитај и за ... >>  Надеж на светот: економски раст на САД во 2010-та

За хрватскиот „Вечерњи лист“ Јелавиќ изјави дека едниот од гранувачите, Владо Ќориќ Барун, му рекол дека постои група на луѓе која го планирала неговото грабнување и оти на моќен човек од БиХ му застанал на патот. Исто така тврди дека Барун му рекол и оти, ако треба, ќе ги убие останатите двајца грабнувачи за да му овозможи да избега.

Пред два денаполицијата на Федерацијата Босна и Херцеговина уапси една жена под обвинение за поврзаност со киднапирањето. Сараевските медиуми јавија дека таа била уапсена во општината Прозорец- Рама, а полицијата трага по уште две други лица од истиот крај.

Мора да се признае, вистинско филмско „драматично“ сценарио. Што е од сето тоа вистина допрва ќе се утврдува. Во секој случај грабнувањето е осмислено и реализирано на „високо ниво “. Малку збунува „невиноста“ на Јелавиќ во однос на неговото криминално минато. Имено, поради малверзации во врска со случајот „Херцеговачка банка“, преку која стигнале пари од Хрватска, за Јелавиќ е распишана меѓународна потерница. Босанскиот суд го осуди на 10 години затвор, но пред да биде затворен тој пред 4 години избега од БиХ во Хрватска и сега живее во Загреб. Бидејќи има и хрватско државјанство, во согласност со законите Хрватска не може да го екстрадира во БиХ.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here