Потребно време за читање: 5 минути

Економската криза е шанса за преструктирање на економијата, дури за еден нов економски „светоглед“. Како и секоја друга, во која било друга област, таа поттикнува најнапред на рационални и ефикасни мерки, често „прекуноќни“, со кои се спречува „огнот“ да не се прошири, да не ги зафати се уште „неисушените“, „непресушените“ (од)брани од него. Напоредно (никако не потоа) се презема и „напад“, особено врз „изгорените“, „опожарените“, се до „јадрото“, „сушноста“ на севкупната живеачка. Секој друг пристап води единствено кон продолжување, поттикнување на кризата, нејзина радикализација, деструирање на смислата и содржината на постоењето.

Одговорните, пред се власта, но и опозицијата, експертската и лаичката јавност, мораат катадневно да работат и дејствуваат, а се што се презема претходно да подлежи на продлабочена причинско- последична анализа. За да се одбегне какво годе конкретна мерка да биде палијативна.


Мошне „поетско“, но и „практично“ објаснување: оние што веруваат дека можат да ја молзат кравата, да го собираат млекото (сосе кајмакот), а притоа да не ја хранат и чуваат, во кризно време оставаат да пцовиса и се свртуваат кон нешто друго за „молзење“. Кога ќе нема друго, нема да престанат да „молзат“, туку ќе чекаат, ќе се притаат дури друг (државата, народот) не ја плати штетата, не купи нова крава, па пак да се „активираат“. Во меѓувреме да кренат раце од „молзење“? Нема шанса. Затоа што ништо друго не научиле, не знаат да прават- да работат.

Претходното „прозаично“ се нарекува економија на алчноста.

Во непосредна врска со кризата како шанса е реалниот отпимизам. Оној нереалниот е многу повеќе штетен од песимизмот. Некои го „дефинираат“ како извлекување на поуки и проветрување. Во тој контекст, суштинското прашање е дали нешто сме промениле од моментот кога сме станале (ние или нашите избрани претставници) свесни за сериозноста на кризата.

„Глобална“ констатација: можеби човештвото и ја заслужува кризата што е во тек и допрва ќе се зголемува. Имено, едно истражување на ОН покажа дека половина од производството на храна се фрла. Тоа едновремено значи дека и половина од огромното количество на вода, што е потребна за производство на таа храна, е залудно потрошено. Друг податок: 13 милијарди долари би биле доволни за да се подмират сите основни потреби за храна и лекови на најсиромашните во светот. Истовремено, во Европа и САД се трошат повеќе од 13 милијарди долари на домашни миленици.

Прочитај и за ... >>  Сепак, само вербален напад

Некои експерти сметаат дека „баукот на светската економска криза“ сигурно ќе ги прочисти нашите умови, а основен предуслов е да се зацврсти вербата во себе, да се внесат новини и да се претресе старото и нефункционалното (врати се на првата реченица од овој текст!). Тие со право посочуваат дека одговорите на најдлабоките општествени проблеми понекогаш треба да се бараат на необични места. На пример, кризата покажа- покажува дека со општеството не можат да управуваат само економисти и политичари. Информатичките достигнувања денес овозможуваат хуманисти да укажуваат на она што го доведува општеството во опасност. Имајќи предвид дека хуманоста посебно подразбира грижа за луѓето кои не се во можност да ги задоволат своите основни човечки потреби, нужно е надминување- совладување на зависноста на послабиот, а почитување на личноста на секој и засилување на нејзините потенцијали. На тој план и „непродуктивните трошоци“ на среден и долг рок се и тоа како продуктивни.

Мошне авторитетно и компетентно предвидување на Симеон Џанков, главен економист на Светската банка: додека инвеститорите го раздвижат капиталот, кризата ќе кулминира наесен и ќе удри врз вработеноста.

Во интервју за македонскиот весник „Дневник“ тој, меѓу другото, вели:

„Проблемите ќе се продлабочуваат. Оценето според падот на инвестициите и на извозот, може само да се прогнозира дека кризата во регионот ќе кулминира кон крајот на есента и на почетокот од зимата. Губењето на работните места и падот на трговската размена тогаш ќе го имаат својот шпиц“.

На македонската Влада и препорачува да се ангажира повеќе на програми за спречување на порастот на невработеноста, како што се инвестиции во инфраструктурни проекти и субвенционирање на задржувањето на работните места. Трет начин е даночна реформа во делот на персоналните давачки. (Самиот се сомнева дека има дополнителен простор за таа мерка бидејќи Македонија во последниве неколку години ги намалуваше даночните оптоварувања).

Според Џанков, текстилната, чевларската и фармацевтската индустрија се сектори кои во услови на криза не само што не се намалуваат, туку можат и да растат:

„Тие создаваат артикли на кои луѓето не можат да штедат. Текстилната индустрија треба да се преориентира кон поевтино производство. Исто така, треба да се бараат партнери на Блискиот Исток, кај арапските држави и во Латинска Америка. Таму побарувачката е се уште голема“.

Прочитај и за ... >>  Не двојна формула, туку алтернатива- алтернативи

Големо значење во надминувањето на кризата му придава и на банкарскиот сектор кој, поради конзервативноста, има акумулирано доволно ликвидност.

Единствениот начин тој да се дестабилизира е ако почне да паѓаат реалниот сектор, јавната и приватната потрошувачка и ако расте невработеноста. Банкарскиот систем нема да влезе во криза ако се избегне пораст на невработеноста.

Наспроти приведеното мислење, банкарите сметаат дека и тој, како сите други, нема да биде поштеден од кризата, посочувајќи дека депозитите на компаниите се намалуваат. Бараат државата и Народната банка да водат координирана политика која нема да предизвика ново зголемување на каматните стапки. Како „безбедносна“ мерка Комерцијална, НЛБ Тутунска и Стопанска банка веќе објавија повисоки камати за новоодобрени кредити. Во меѓувреме власта најави дека повеќе нема да се задолжува од домашни извори на финансирање, туку ќе се сврти кон странските.

Неспорно е согледувањето на македонскиот министер за финансии, Трајко Славески:

„Ликвидност немаат банките коишто позајмуваат од Централната банка. Додека сум јас министер за финансии не се случило Централната банка да им дава пари на комерцијалните банки во Македонија, туку случајот е обратен. Кај нас досега Централната банка ниту денар не им дала на комерцијалните банки затоа што немаат потреба од тоа“.

Наместо „проветрување и чистење“ на сопствениот двор, некои домашни „учени“ дури панично бараат Владата да склучи аранжман со ММФ, поддржувајќи го ступидниот став на опозицијата (пред се СДСМ) дека со тоа ќе се овозможела контрола на буџетското трошење. (ММФ никогаш не бил, ниту прифаќа да има улога на „дежурен полицаец“.) Се разбира, Владата не ја отфрла опцијата за нов договор со ММФ, но по претходно искористување на другите мерки на борба против кризата. На денешниот експертско- министерски состанок, меѓу другото, е побарано усогласување на Министерството за финансии и НБРМ во однос на државните записи (тие да забават), но и да се донесе план за индиректна помош на извозно ориентираните компании. Стопанствениците, пак, инсистираат на внимателно трошење на буџетските пари.

Во таа насока стасаа предупредуња и препораки и на Светската банка. Првиот човек на банката во Македонија, Маркус Репник, потенцира дека се нужни мерки кои ќе го амортизираат големиот трговски дефицит, како и внимателно буџетско трошење со што нема да се продлабочува јазот во надворешната трговија. Инвестициите да се гледаат од аспект на вработување, а да се намали што е можно повеќе увозната содржина на трошењето на Владата.

Прочитај и за ... >>  Има ли спас за Грција

Очекувано, „лутите противници“ (опозицијата), но и економисти и бизнисмени, премолчувајќи ги, на пример, проектите за обновување и модернизација на 11 регионални патишта, жестоко реагираат на трошоците за нестопански проекти. За нив е неприфатливо- нелогично повеќе од 100 милиони да се трошат на зданија и споменици среде криза. Притоа или не се знае или се заборава (попрво е првото) на веќе посоченото во воведот на овој текст: почитување на личноста на секој и засилување на нејзините потенцијали, а во таа функција и „непродуктивните трошоци“ на среден и долг рок се и тоа како продуктивни. Па за нив и за таквите како нив изградбата во нестопански проекти (спортски сали, музеи, театри, споменици…) е „луксузирање“. Нема значење тоа што рекордниот трговски дефицит од 414 милиони долари, падот на индустриското производство за 11,3%, 25.000 нови невработени и други последици (допрва ќе се надоаѓаат) немаат никаква врска со нив.

Како поткрепа на нивниот став погрешно се „прозива“ еден од водечките консултанти и економисти во светот, Американецот Рован Гибсон: дека (наводно) треба да се запре непродуктивното трошење, да се поттикне претпримеништвото и да се поддржи малиот и среден бизнис особено во однос на вработувањето. Тенденцизониот и невнимателен читател- слушател премолчува едно „само“ што суштински го менува неговиот став изнесен на трибината организирана во Скопје за стратегиите за раст и профит во услови на рецесија, а на која учествуваа македонски стопанственици и менаџери:

„Не треба Владата да вложува само (подвл. мое) во проекти кои се од научен карактер или истражување и развој, туку треба да го поттикнува претприемништвото во земјата. Со оглед на тоа што има многу невработени, тоа значи дека и трудот е поевтин, и треба да се работи на стимулирање на странските компании да доаѓаат во земјата, да отвораат свои фабрики овде, да отвораат филијали, да отпочнуваат бизниси, со тоа што би ја вработиле, би ја ангажирале таа невработена работна сила“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here