Потребно време за читање: < 1 минута

9. Или пак ништо

Ти ваква, тивка,
спокојна,
сѐ уште жизнена,
со отворена уста
остана пред мене
помалку време
од сенката
до ноќната пеперуга;
ваква остана
сѐ додека таа
не се изгуби
во твојата коса.

Јас го гледав тоа
и гледав дека
не се ни чувствувавме,
продолжувајќи заедно
кон нашата визба
сокриена од луѓе
кои почнаа да се кријат
в земја.

Кога стана
постојана жена,
онаа иста за сите дни,
едновремено непостојана
за сите ноќи,
онаа страсна полноќ
на ветер помеѓу нас,
веќе во јадрото
на неосвоива планина,
едно обично око
со ѕуница во зеницата
ми рече дека должноста
кон тебе,
во твојата утроба
е вообичаено
мошне здодевна.

Затоа ние таа полноќ
се мачевме
за друга рожба;
други ја нарекоа дете
што секако ќе доживее
длабока старост
(со длабока иронија
во гласот).

Потоа ти
почна да брзаш
скитајќи од нас до огнот
лево од твоите корења,
десно од моите плодови,
како оставена во миг
на самост;
убава, та преубава,
облечена
во црно-црвена
долна облека.

Прочитај и за ... >>  ИЗВОРИ ВО СТЕНИ (НЕКОГАШ ИГРА II), стихозбирка

Кога стана
постојана жена,
онаа иста за сите дни,
едновремено непостојана
за сите ноќи,
онаа страсна полноќ
сакав да те кренам
на ведро ѕвездено небо
со двете мои
скршени стебла
фрлени крај река
измислена од нас
и исправена од нас
за неколку годишни доба
однапред;
кога стана
постојана жена
онаа страсна полноќ.

Но сега што потоа?
Каде е крајот
на нашето второ
или трето пеење
по првово?
Каде си ти конечно
никогаш видена
без збор?

Каде е југот во просторот
помеѓу нашите дишења?

Ги покрив рацете
со мов
по твоја желба
и по твоја вина.

Да, личеше на шега
кога ми ги скрвави
образите
со трње во трње.

Чекав некое време
убавина од твојата
жедна уста,
а ти гола
омодре цела
како од студ.

Наеднаш од никаде
како никогаш
стана молња
меѓу туѓи облаци.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here