Потребно време за читање: 3 минути

Сериозноста и зрелоста на еден политичар, а особено на лидер на голема партија најмногу се „чита“ во ветувањето односно ветувањата. Се разбира, мислам пред се на предизборното/ предизборните, но и на она што е „тековно“. Макар што на вториве, барем досега, никому не му текнувало (додека „мандатирале“ позиционерски или опозиционерски).

Притоа, „читањето“ е полесно ако е ветувањето роковно поблиску отколку подалеку. Потешко е подалечното затоа што секојдневно многу читаме, па со време, во зависност од „мемориската истренираност“, забораваме на прочитаното.

Да, добро забележавте, не ја спомнувам „тежината“ на ветувањето. Од проста причина што таа, пак, не се поврзува со сериозноста и зрелоста, туку со способноста и подготвеноста на еден политичар и на оние околу него и со него (сопартијци, членови на неговата Влада, негови или независни стручњаци- експерти- советници ангажирани од него (со и без наводници), „оперативен штаб“, „извршно тело“ итн.)

Во предизборнава кампања за претстојните вонредни парламентарни избори, закажани за 1- ви јуни, одново, како „еднаш порано“ (кога од тогашниот лидер на СДСМ Бранко Црвенковски беше дадено ветување за задолжително вработување на еден член во семејството), се соочуваме со едно ветување во кое лесно се препознава политичката несериозност и незрелост. Најнапред беше дадено на митинг, а потоа „вградено“ и во предизборен ТВ клип што го гледаме секојдневно.

Имено, лидерката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, буквално рече:

Прочитај и за ... >>  Економската криза допрва ќе се продлабочува

„Гарантирам дека за шест месеца Македонија ќе добие покана за НАТО, за шест месеци ќе добиеме европски преговори, а во 2009-та година младите и другите граѓани на Македонија ќе патуваат гордо и со македонски пасош, доколку дојдеме на власт на овие избори“.

А како „гаранција“ дека сето тоа ќе се случи, рече дека ќе биде направено „не со фалби и рекламирање, туку ќе работиме и ќе собираме пријатели низ целиот европски континент. Ова наше ветување доаѓа со гаранција и затоа толку многу ја боли власта“.

Дали „ја боли власта“ или не воопшто не ме интересира, но живо ме интересираат следниве нешта:

Бидејќи ветувањето не е гаранција, очевидно станува збор за суштинско неразбирање на едното и другото, па би требало мене, како на заинтересиран граѓанин и можеби „давател“ на доверба на коалицијата „Сонце“, што ја предводи токму Шеќеринска, и на сите вас како мене, да ни/ ви одговори најнапред дали ветува или гарантира.

Доколку ветува, сакам тоа да го образложи со реална и цврста аргументација, но уште повеќе со точно и презицно кажано „самоказнување“ доколку не го исполни. Со оглед на тежината на ветувањето, губењето на лидерската позиција или напуштањето на политичката сцена не значат ништо.

Доколку, пак, гарантира, молам да ми ја покаже гаранцијата со нејзин, но и со потписи на оние што ја гарантираат „нејзината“. Затоа што личната гаранција не значи ништо. Тоа е исто како да гарантираш дека кредитот ќе го вратиш во договорено време, а банката ти поверува на „гаранцијата“ и ти го дава без да си обезбеди хипотека. Која е хипотеката на Шеќеринска за дадената гаранција?

Прочитај и за ... >>  Знаењето и волунтаризмот

А дека лесно се „чита“ и неспособноста и неподготвеноста на политичарката, доволно говори „образложението“ односно начинот како таа ќе го исполни ветувањето или ќе ја реализира гаранцијата: „ќе работиме и ќе собираме пријатели низ целиот европски континент“.

Прво, „работењето и собирањето на пријатели“ воопшто не е и не може да бидат 6-месечни, од проста причина што за такво нешто треба да се праша и „другата страна“. Конкретно, дали оние што треба да не примат во НАТО и да прифатат европски преговори, а во 2009-та година на младите и другите граѓани на Македонија да им овозможат да патуваат „гордо и со македонски пасош“, се подготвени да работат со неа односно со коалицијата „Сонце“ толку интензивно (и да баталат се друго)? А второ, „вториот дел“- „собирањето на пријатели“ не само што не значи „завршување на работата“, туку е мошне дискутабилно, би рекол инфантилно, да се смета дека во ЕУ и НАТО може да се влезе преку или со помош на пријатели (народецов вели „преку Тасета“). Уште помалку на тој начин да се обезбеди „гордо патување со македонски пасош“.

Прочитај и за ... >>  Се повеќе „европски аграр“ во Македонија

Како што е познато, за сето тоа е потребно да се исполнат „издиктирани“ услови, но и „нешто друго“: она од што зависи членството на Република Македонија во НАТО покрај сето исполнето- „флексибилност“ при наоѓање на решение на „спорот“ со Грција, односно ново име за земјава.

(Да потсетам, „преку Тасета“, меѓу другото, се подразбира и „швалреанција“ односно „давање“.)

Последното, проблемот на јужниот сосед со името на земјава (не билатерален), е клучното и за несериозноста и незрелоста, и за неспособноста и неподготвеноста на „односниот“ политичар.

Би сакал навреме (до 1-ви јуни) да бидам демантиран:

Радмила Шеќеринска на митинг или во предизборен ТВ клип да каже дека ќе биде „флексибилна“ во промената на името на државава, а притоа да образложи како мисли да го одбрани националниот идентитет (кој не е само македонски јазик и култура, туку е мошне комплексен- со длабоко минато, цврста, сигурна- безбедна сегашнина и сигурна утрешнина). Може ќе поверувам(е) дека исполнувањето на ветувањето/ гаранцијата ќе биде и побрзо. Притоа да не се „издава“ како “фрчковист“- да тврди дека промената на името на државата со географска одредница нема врска со националниот идентитет (што е чист дилетантизам).

Дали лидерката на СДСМ и коалицијата „Сонце-Коалиција за европска Македонија“ се свесни дека даденото ветување/гаранција е клучното, дури единственото важно во нивната предизборна кампања?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here