Потребно време за читање: 8 минути

Не затоа што на Република Македонија ќе и го одложи датумот за почеток на пристапните преговори (најверојатно до некое ниедно време), туку затоа што не може да го избегне сопственото „раслојување“ поради проблемот кој во минатото се покажа и докажа како неминовен „растурач“ на секое „интересовно“ здружување или обединување- консензусот, поточно „инструментот“ вето.

Да, на Господата и по некоја Госпоѓа- Госпоѓица во Брисел им е совршено јасно дека на седницата на Советот на Европа во Брисел ќе им се случи уште една бламажа, лакрдија, понижување, уште едно откривање на нивната мимикрија и лицемерие. И тоа на сите, без исклучок, затоа што и оние што ќе бидат за определување на датум (можеби и мнозинството) во името на консензусот ќе мора да дозволат сопствено „покривање“, прикриено согласување. Кое не може да остане долго „такво“, па ќе предизвика продлабочување на „разликите“ и се поголем „раскол“. Почна и продолжи со Турција (се уште трае), голема е веројатноста дека ќе заврши со Република Македонија во обидот да се оствари геостратешкиот интерес- интеграција- европеизација на Западниот Балкан. (Некои аналитичари во тој контекст предупредуваат на „реинкарнација“, „современа верзија“ на дел од Отоманското царство.)

Она што се случува деновиве, се случи денес и ќе се случува до 7.12., е само грчовит обид да се спаси „образот“, да се предупреди неминовното, и тоа на сметка на идентитетот и интегритетот на Република Македонија (не само на македонскиот народ во неа!)- вето на „разглаениот поп“ кој одамна не само што „п… в црква“, туку ја изгубил „мантијата“, а наскоро ќе ја изгуби и „брадата“, па нема да го познаваат и препознаваат како таков ниту оние што ги „крсти“ (да, мислам на внатрешните проблеми на Грција, на економскиот банкрот од кој тешко дека ќе може да се спаси, а да не биде на „преголема штета“ на сега „крстените“- другите членови на ЕУ). Во името на компромисот кој веќе не се крие дека се „разбира“ како бришење на државава и измислување на „нова“ на нејзината сегашна територија, со „нов“ народ (нови мнозинска и немнозински заедници), без свое минато (со извршена „операција на амнезија“), само со „сега и овде“ и „светла евро- атлантска перспектива“.

Денеска странските дипломати во Скопје го „опипувале пулсот“ на Македонија, „преку“ претседателот Ѓорге Иванов, не дали е веќе во „клинички мртва“, туку дали има уште „сили“ за компромис со Грција. Иако иницијативата за разговор потекнала од Иванов, кој ги запознал во целост со деталите во врска со процесот, амбасадорите Фуере, Фреден и Гарсија де Лара инсистирале во наредниот период „да се интензивираат напорите“ за изнаоѓање на решение. Притоа повеќе од „немајкаде“, амбасадорите на ЕУ, Шведска и Шпанија, која од јануари ќе претседава со Унијата, ја поздравиле иницијативата за позачестени средби на повисоко ниво.

Претседателот Иванов ги уверувал своите гости (во вилата „Водно“) дека, без разлика каков ќе биде исходот на 7-ми декември, Македонија ќе остане посветена на евро и евро- атлантските интеграции и на исполнување на важните реформски зафати. Иако сум сигурен дека му е совршено јасно оти е веќе „се залудно“, тој сепак „индиректнo“ побарал од амбасадорите да излобираат Брисел да ја убеди Грција да не го блокира добивањето на датум за старт на преговори. Со она што на сите им е познато: дека отпочнувањето на пристапните преговори на ЕУ со Република Македонија не само што ќе го потврди кредибилитетот на Унијата и ќе има дополнителен мотивирачки ефект, туку ќе влијае позитивно врз стабилноста и просперитетот на целиот регион.

Прочитај и за ... >>  Ново 64-то издание на Канскиот филмски фестивал

Интересен „исказ“ на стравот од натамошен опстој на ЕУ дал словенечкиот министер за надворешни работи, Самуел Жбогар (пренесено од известувачот на А1ТВ од Брисел): ако не даде мандат за преговори со Македонија на претстојниот министерски состанок, Грција ќе мора да даде солидни гаранции дека тоа ќе се случи идната година.

Според официјална Љубљана, ЕУ мора да најде начин да го одржи ентузијазмот во Македонија и мора да спречи разочарување кај граѓаните. Проценките се дека може да се издејствува што пореална европска перспектива за македонските граѓани (без конкретизација што би значело тоа).

А воопшто не е неочекувано, не претставува никакво изненадување за оние што доволно го запознаа Оли Рен во изминатиот период: тој изразил сомневање оти европските министри ќе се договорат на следниот состанок да донесат одлука за започнување на преговорите.

„Започнувањето преговори за членство бара препорака од Комисијата, но треба да биде прифатено од сите земји- членки, а во моментот не може да се каже дека тие услови се исполнети“, изјави Рен во Хелсинки. Тој претпоставува дека преговорите за ова прашање ќе продолжат следната година.

Меѓутоа, македонската опозиција се уште се обидува да добие некој „поен“ инсистирајќи на „драматичност“, на „историска шанса“ за Македонија (не за ЕУ), дека доколку не се добие датум за преговори ќе се случи „се и сешто“…

Небулозна изјава на Андреј Петров од СДСМ:

„Наместо да се даде се од себе во интерес на националните и државните интереси, да се покаже лидерство и патриотизам, сведоци сме на непостоење ни на обид за изнаоѓање на решение“.

Без да вложи „најмал напор“ да даде (неговата партија) конкретен „обид“ со кој СДСМ, кога веќе власта (притоа секогаш се мисли само на ВМРО- ДПМНЕ, без оглед што е таа коалициоиа) „не дава се од себе“, а со кој ќе покаже „лидерство и патриотизам“.

Не се „подолу“ и другите. Тито Петковски, лидер на НСДП, тврди дека власта ја поставила политиката „на погрешен колосек“, без макар да се обиде да покаже на „вистинскиот“, да го сушнеме барем него да каже „што треба да направи Македонија“ (тој се прави и недоветен кога бара да се „дефинира“ која е македонската „црвена линија“; може ли да биде друга, освен она што е утврдено со Привремената спогодба на ОН- разговор само за името на земјава, а не и за идентитетот на македонскиот народ во сета негова комплексност?) :

„Дури и си зема за право да го советува Баросо што треба да прават тие, што треба да прави Грција, меѓутоа не слушнавме што треба да направи Македонија“.

Патем, дали ја препорачува својата сервилност спрема Баросо & company во Брисел?

Ставот на партијата на Селмани е нејасен, но повеќе инфантилен: со решение на спорот, по што ќе се добие датум за почеток на претовори за влез во ЕУ, граѓаните по 18 години веќе немало да бидат заложници на политичарите. А кој ќе им ја „води“ политиката? Значи ли тоа дека тие не се политичари, не се за политичка власт, па „како такви“ се ептен „погодни и подобни“ за „незаложничка“ политика?

Изјава на Флора Кадриу:

„Сметаме дека е дефинитивно крајно време да се искористи оваа можност кога сме најблиску до вратите на ЕУ за да се реши овој процес“.

А кој тоа не го „смета“? Дали сме „најблиску до вратите на ЕУ“ треба да провери (таа и нејзината партија) кај Грција и другите членки на ЕУ. Лично не сум убеден дека сме, туку, напротив, ако не подалеку, сигурно сме еднакво далеку како вчера и завчера. Белким таа и „нејзините“ не се толку неинформирани да не знаат дека „пакетот“ на Грција и нејзината „црвена линија“ не се нови.

Прочитај и за ... >>  Нема скорешно и брзо решение на проблемот на Данајската република (Грција) со името Македонија

Некои ја сметаат за неуспешна, а напротив, организираната дебата под наслов „Спор или конфликт“ во Скопје, во организација на Институтот „Павел Шатев“, може да се оцени за повеќе од успешна. Конечно, нивниот глас се слушна „погласно“, а на „критички расположените“ ретко кој аргументирано им се спротивстави. Неуспешноста може да се „бара“ не во напуштањето на дебатата на оние што не се согласуваат со „антиевропската настроеност“ на некои дискутанти, како и на „нетолерантните“ спрема ставовите на останатите, туку единствено во непоставеното прашање или непоттикнувањето на дискусија за круцијалното прашање: постојат ли „европски вредности“ и кои би биле тие, односно дали единствени или заеднички вредности се основата на европското „унијатство“?

Став на историчарот Тодор Чепреганов за еден од суштинските „елементи“ на македонскиот идентитет: историските аспекти на постоењето на Македонија и на македонскиот народ се несомнени, но Европа од политички причини тоа го занемарува:

„Сепак, тоа од Европа ни се негира и дури ни се препорачува самите да направиме харикири, како одговорноста би била наша, односно дека ние самите сме си го смениле името и се она што ќе следува потоа, и дека тоа само сме го направиле во име на некои европски вредности“.

Гордана Силјановска Давкова ги поистовети цивилазициските со европските вредности:

„Темата е денес европските вредности и јас одговорно тврдам дека во сите досегашни проширувања не беше доминантна економската позиција, па дури и политичката, туку се земаше предвид вредносната. Под вредносна мислам на демократија, на владеење на право, како што се гледаа чекорите на Романија, на Бугарија во овој правец“.

Биљана Ванковска акцентира една „скриена“, а всушност со векови докажана позната европска „специфика“: во потсвеста на европските елити е освојувањето на светот:

„Она што во останатиот период го прави е „state building“ или градење на држава, кое преведено би значело градење на капацитети, на институции, на административни можности и сл., за да може државата да застане на нозе, меѓутоа таа држава е лишена од сопствениот суверенитет“.

Конфузно „спротивставување“ имаше Суад Мисими (внатрешната кохезија ја „услови“ со функционирање на правната држава):

„Грција и ЕУ не се адресите на кои што ние треба да работиме во смисла на образложување вредности или невредности. За ние да имаме позиција, прво треба нашата внатрешна состојба да биде кохерентна, да имаме внатрешна кохезија, којашто ја нема на оваа маса, а камо ли во државата. И треба правна држава, односно функционирање на правната држава“.

Александар Чомовски се направи „на удрен“, како да не знае, и покрај повеќедецениското новинарско- хроничарско искуство, дека преговори се водат, односно треба да се водат за „разлики“ во врска со името на државава, а тие не се можни бидејќи Грција излегува од таа „рамка“ и го негира националниот идентитет (по последното „повторување“ на нејзините барања посредникот Нимиц ја одложи новата рунда на „разговорите- преговорите“ на „неодредено време“): „политиката за името“ се води „нетранспарентно“, па „ние немаме релевантни податоци дали навистина се водат преговори и за националниот идентитет или само за промена на името“.

Прочитај и за ... >>  Од 2013. и Хрватска членка на ЕУ

На „удреноста“ го потсети Јован Донев, наведувајќи ја и осудувајќи ја изјавата на грчкиот претседател Каролос Папуљас со која ги негира македоснкиот јазик и нација:

„Прашањето е дека изјава во 21 век, во којашто вели дека не постои македонски јазик и нација, е изјава на холокауст“.

Потврда на ова е интервјуто на Папуљас за „Прашко право“, во кое навестува повторување на „сценариото“ од Букурешт (ветото на Грција за влез на Македонија во НАТО):

„Ние направивме значајни отстапки. Подготвени сме да прифатиме име кое би го содржело зборот Македонија, иако тоа е многу повеќе од рамката што ја договорија грчките политичари пред 10 години.

Постојано говорат за македонски јазик и народ со што прават непријателски фронт спрема Грција и Бугарија. Сакаат да се претстават како водечки личности на македонскиот народ и со својата реторика наметнуваат тенденција на „ослободување на македонскиот народ од грчка и бугарска окупација“. Тоа ги нарушува добрососедските односи и ние тоа не можеме да го прифатиме“.

Се чини дека „сценариото“ е веќе подготвено, а „филмот“ почнал да се „снима“. Тоа го тврдат грчки медиуми: одложување на почетокот на преговорите за членство на Македонија е формулата што ја подготвува Брисел (Грција, ама како дел од него, зашто консензусот не значи друго, освен „еден за сите, сите за никаде“), со која сите страни ќе избегнат непријатни последици (тоа е избегнувањето на бламажата, лакрдијата, понижувањето, мимикријата и лицемерието), а ќе се остави дополнителен простор за решавање на прашањето за името. Со други зборови, ЕУ најверојатно ќе ги „поздрави“ напорите и прогресот што го направи Македонија (и досега многупати „поздравуваше“), но одлуката за старт на преговорите ќе ја одложи за некој од наредните состаноци на Советот.

„То вима“ тврди дека со ваквото „сценарио“ (многу веројатно) Атина не ќе мора да стави вето, а Скопје ќе избегне ново разочарување(?). „Катимерини“, пак, заклучува дека разговорите за името и натаму се во ќорсокак, односно дека времето и шансите да се реши прашањето за името до состанокот на Советот на Европа се мали.

Одамна се залагам за едностран прекин на разговорите- преговорите од страна на Република Македонија, токму поради ступидноста на проблемот и оти тој не е и не може да биде „билатерален“ (се додека и Македонија не проблематизира „нешто“ во врска со името на Грција и идентитетот на грчкиот народ), а „пакетот“ барања е непристоен (тоа е вистинската назнака за нив). Забележувам дека во последно време (особено деновиве) се повеќемина домашни, па и странски експерти и аналитичари го споделуваат мојот став. Но, доколку и натаму некој мисли дека тоа би било премногу „радикално“ и со „несогледливи последици“ за Македонија, би било добро со поголемо внимание и промислување да се анализира вчера изнесениот став односно сугестија на хрватскиот претседател Стипе Месиќ (при посетата на Скопје):

„Еден начин е да се замрзне ова прашање додека Македонија не си ги оствари своите надворешно- политички цели. Друг е да се формира една арбитража која што ова билатерално прашање ќе го стави на страна, а Македонија ќе ги продолжи преговорите со ЕУ. Или да се продолжат билатералните разговори, но со почитување на сите историски аргументи“.

Бидејќи вториот и третиот „начин“ се практично невозможни, зошто Република Македонија да не ги замрзне разговорите- преговорите се до утврдување на датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ и враќање на Грција во рамките на Привремената спогодба?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here