Потребно време за читање: < 1 минута

83. Пред полноќен миг

Сѐ од нас ко да се преселило
во длабок сон
та не можеме повеќе ништо
ниту да допреме
ниту да им прекажеме
на оние што веруваат
оти некогаш сме биле
и во нивните сенки

рамнодушноста е посилна
од молк
помеѓу маски за безличие
го разјадува спокојот
го урива достојот
од една до друга разделина
од една до друга виделина

полека ни гасне
последниот оган
во спомен на одамна живите
без нас
на од скоро мртвите во нас
додека немуваме уморни
од одот по трнлив пат
пред камена плоча на која
одвај ги препознаваме
нашите лица

белким ќе го минеме
белким ќе го совладаме будни
овој полноќен миг
макар по него сѐ одново
да почне од нас

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here