Потребно време за читање: < 1 минута

99. Никогаш на крајот

Ако некогаш некаде
имало нешто
од она во мене
што се будело и заспивало
што цутело и венеело
растело и паѓало
се раѓало и умирало
тоа е зашто сум бил
секогаш и секаде само
молк помеѓу два збора
за одбир за едно кажување
без прекажување
без докажување

она што го знам не од вчера
како каков било ден
и секаква ноќ
е дека никогаш и никаде
немало нешто од во мене
што копнеело и тагувало
што се сомневало и надевало
што обденило и уморило
заборавало и опстојувало

тоа е зашто не сум бил
со многу од сѐ а само еден
но без знак или писмо
на некој камен
длабоко в земја што чека
да излезе
на сонце или месечина

и нема никаква смисла
и нема никакво значење
оти сум минал низ многу
стравови како до небо
ѕидови
низ занеси како од карпа
извори
низ болувања како од крв
огнови

Прочитај и за ... >>  БЕЗБЕЛИ, НА НЕБО ВЕТЕР ФРЛА ДЛАБОК ЗДИВ, стихозбирка

никогаш на крајот
не сум јас
кога сте секогаш
на почеток вие

 

Пред говор

…сѐ во мене
од овој поет
кому сум му
верна сенка,
отсекогаш било
и секогаш ќе биде
само за
заборав…

 

Епитаф за секој што
си го проживеал животецот

Молк! Овде,
во ова парче земја
конечно почивам
во мир и спокој.
Фала ти, Господи!

9.12.2006.- 07.01.2019.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here