Потребно време за читање: 11 минути

7. 1. Организирано и спонтано радио

Таканареченото спонтано радио го спомнав кога пишував за младинското радио и притоа наведов конкретен пример. Само напати спомнав некои од основните карактеристики, без попродлабочена анализа. На пример еластичната програмска шема, а поначесто и нејзино практично непостоење; потоа, целосно отворено студио, а треба да се има предвид и програмскиот ритам кој му е апсолутно подреден на водителот и неговата комуникација со слушателот.

Всушност, станува збор за програмско-уредувачка политика што ја „диктира“ самиот ден, која не држи многу до некаков сопствен континуитет. Имајќи ја предвид модернизација на радиото воопшто, се осврнувам и на релацијата организирано-спонтано радио. Особено затоа што имам конкретно искуство на кое можам да се повикам.

Кога се зборува за тн. спонтаност на радиото, обично се мисли на „радио хепенинг“ или „радио во случување“ (мојата елаборација на радиото на случување ја презентира неговата комплексност, па тоа лесно може да се диференцира од „радио хепенингот“); сосема отворена програма, без цврста или дури никаква програмска шема, чија реализација се одвива во отворено студио (кое е пристапно секому). Во 80-тите години ваквото радио стекна афирмација во поразвиените радиодифузни средини, особено на локален план. Интересни, дури изненадувачки позитивни искуства и резултати има остварено една холандска станица (ВПРО). Нејзина основна карактеристика: особено динамична програма.

Спонтаното радио или радиото во случување (поприфатлив е првиот назив, не само поради разграничувањето од радиото на случување, туку затоа што и во тн. традиционални радио-програми секогаш нешто се случува, можеби не спонтано) како основна заложба ја има динамиката на програмата. Натаму, во него е вградена можноста за индивидуален јавен настап. Бидејќи станува збор за отворено студио, во секое време можам да влезам во него и да се „докажам“ себеси. Меѓутоа, од друга страна таквата можност можам и да ја злоупотребам, па затоа во „институционализираните“ радио-станици постои отпор, сосема негативен став спрема ваквиот спонтанитет, спрема ваквата „апсолутна програмска демократизација“.

Што е прифатливо, за што се залагам?

Резултатите и искуствата не може да не се респектираат, а нивното негирање би значело на еден начин „недореченост“ на радиото на современата модерност, особено на планот на неговата демократизација. Од друга страна, инсистирањето на спонтанитетот на радиото без темелност резултира „недореченост“, непрофесионализам, импровизација која се граничи дури и со инфантилност. Се разбира, ги имам предид програмските „остварувања“ во нашиот радиодифузен простор и пред неговата „демократизација“, а особено со омасовувањето на електронските масмедиуми (радио и ТВ бизнис).

Треба секогаш да се има на ум дека спонтаност воопшто, во животот и дејствувањето на човекот во суштина е „самоникната“ дејност, неподготвена, неизнасилена, што значи настаната од сопствени причини и побуди. Тоа не значи негирање на нејзините вредности, туку, напротив, како што нагласува филозофијата по Кант, „суштинска, изворна, примарна ознака на човековиот дух“. Со неа најчесто се идентификуваат играта и слободата, иако таа би можела само да биде нивни предзнак, односно нивна почетна фаза. Според тоа, спонтаноста е иманенција на радиото на современата модерност, но не во онаа смисла во која таа се „практицира“ кај нас, притоа не злоупотребувајќи ги играта и слободата. До колку таа ги злоупотребува се негира себеси, а ги негира и нивните вредности.

Од друга страна, слободата претставува мошне сложен феномен и проблем пред сè како тема на филозофијата и на нејзините главни дисциплини-онтологијата, етиката, филозофијата на право и на политиката. Таа е суштина на човекот, негов опстанок, негов избор, негов интерес, негов напредок. Помеѓу играта и слободата може да постои знак на равенство, но и не мора, особено кога играта ја ослободува човековата енергија и ја насочува, ја ангажира, ја функционализира, го поттикнува односно го активира творечкиот потенцијал. Спонтантоста, играта и слободата го организираат човековиот живот.

Спонтаното радио (терминот го прифаќам свесен за неговата непрецизност) не може да опстане во рамките на тн. организиран живот. Тоа не може него ниту да го толкува, ниту да го продолжува. Поттикот не е доволен затоа што и тој не ги предизвикува самосвества и ангажманот, па следствено ја негира слободата со тоа што играта ја сведува на цел за себе.

Можно е спонтаното радио да создаде пријатна атмосфера, позитивно расположение. Меѓутоа, тоа не може да смета на долготрајност, на содржинска доследност. Дури и во комуникацијата со слушателскиот аудиториум не постигнува „дореченост“ и не овозможува доследност во исказот; а ја губи и непосредноста.

Организираното радио не претставува негација на спонтаното. Напротив, тоа е дел од воспоставениот ритам на животот и времето, дел од организираниот живот, од квалитетот на живеењето, па и од неговиот тоталитет. Не претставува негација бидејќи ја вклопува во сопствените рамки и на тој начин го афирмира нејзиниот квалитет. А веќе реков во што се состои тој. Потврда на овој став наоѓам и во исказот на М. Кангрга за спонтаното како творештво, како вистинска димензија на времето:

„Доживувањето на времето (во чисто психолошка смисла) како-за свеста-обична минливост („надворешна“ и „внатрешна“) се претвора… со помош на самосвеста во човечко продуктивно и смислено случување, кое во самото себеси сега може да има сопствена вредност и цел како самоцел”1).

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Значи, организираноста преку доживувањето односно случувањето создава ведност и со неа ја постинува сопствената цел. Без неа-без организацијата не е можно да се достаса до саканата цел. Тоа еднакво се однесува и на животот и на човековото дејствување, и на средствата што се користат. Особено во областа на информирањето и едуцирањето на човековата свест, а во таа смисла најмногу со помош на масмедиумите, посебно на елктронските. (Една насловна глоса на Маршал Меклуан гласи: „Сегашната преокупираност со реформата на читањето и пишувањето го преместува акцентот од визуелното на аудитивното)”2).

Организираноста претпоставува систем, а како во однос на радиото на современата модерност програмска конкретизација. Тоа значи дека системот наметнува рамка или „правила на игра“ од кои не може да се отстапува, не може да се излегува. Во спротивно, тоа би значело промена и друг простор со друго време. Со други зборови, во контекстот на овој дискурс, поставување на сосема поинаква програмска определба, концепција, програма, со што се негира консеквентноста и конзистентноста на современото-модерното радио. Тоа не значи воспоставување на стереотип (и губење на авангардноста), туку напротив, афирмација на осмислена развојна стратегија и темелни програмски координати. Еластичноста на поставената рамка се реализира преку тн. алтернативни програмски сегменти кои се утврдени термински и ги збогатуваат содржината, аргументацијата, пристапот и перцептивноста.

Заложба: организирана спонтаност, како една од основните карактеристики на радиото на современата модерност.

Бидејќи имам конкретни сопствени искуства на тој план, сум во можност детално и прецизно да го елаборирам и дефинирам ова.

Досега на неколку наврати приведував како пример една програма за која сметам дека изврши вистинска револуција во нашиот радиодифузен простор, па и во пошироко: програмата „Радио урнебес“ на Вториот канал на Македонското радио-во 80-тите години на 20. век (идејна матрица Д. Костиќ, автор на програмската концепција јас-Љ. Димитровски, музички медијатор: Д. Костиќ, а во обликувањето и реализацијата учествуваа Е. Унџел, Е. Андреевска и новинари-соработници); програма која од самиот почеток претставуваше вистински медиумски настан (-феномен) и од сабота во сабота мобилизираше мошне широка слушателска публика од најразлични возрасти.

„Радио урнебес“ беше програма која, како што се најавуваше пред секој нејзин старт (во најразлични најавни форми), во секој свој дел, во секој свој сегмент претставуваше „забавно-хумористично-сатирична, музичко-говорна и општествено-политички, културно и јавно дежурна“ програма на Радио Скопје. Нејзината основна структура не беше афирмација на правилото „мини говор-макси музика“, туку напротив, промоција на друг однос: „макси говор-макси музика“. Во говорниот дел постојано се воведуваа нови рубрики (рубрицирањето како основна концеписка форма), така што во еден период беа оформени дури четири, односно пет изданија; за секоја сабота во месецот поинакво, видоизменето.

Втората развојна етапа на оваа програма, во однос на говорната содржина, може да се назначи како програма со редовни и алтернативни рубрики. Имено, некои од рубриките наидоа на максимална подршка кај слушателите, постојано беа „очекувани“ од нив, па така станаа редовни-постојани (на пример „Урнебес коментар“, „Пост рестант“, „Радио урнебес советува“, „Арно ама“ и др.); други, тн. алтернативни, можеа да се емитуваат „по потреба“.

Во однос на музичката содржина, пак, основната заложба беше музика за сечиј вкус, но „урнебесна“, што значи музика која го движи, го раздвижува ритамот на слушателот (озабавен или забрзан сеедно, се разбира во зависност од ритамот на денот). Сепак, централно место во програмата беше промоцијата на нова музика, најчесто првпат воопшто на програмите на Радио Скопје.

Втора мошне значајна карактеристика на програмата „Радио урнебес“ беше дизајнирањето на секој нејзин сегмент (и во прилозите, и во водителскиот и во изведувачкиот дел), секогаш настојувајќи тоа да се реализира беспрекорно, „до совршенство“. Тоа можеше да се остварува само со тимска работа, со еден постојан тонски и програмски реализатор (Е. Унџел) и со максимално, дури неограничено користење на студиото за монтажа.

Во однос на реализацијата на оваа програма беше промовиран еден извонредно значаен елемент: нејзино директно, непосредно уредување, донесување решенија „на самото место“. Така, водејќи сметка за трендовската динамика при самата реализација се решаваше дали „одиме со прилог или со музика“, дали ќе вклучиме слушатели или соговорници на наш повик итн. Тоа е тн. организирана спонтаност на една програма, како уредувачка практика сигурно најтешка и најодговорна.

Со сите наведени основни карактеристики „Радио урнебес“ изврши решавачко влијание не само во натамошниот мошне динамичен развој на Вториот канал, туку и во развојот на Првиот канал, на програмите на Здружените радио-станици во Републикава, и пошироко.

Кога зборувам за спонтаноста на една програма, освен погоре искажаните треба да се имаат предвид некои најопшти сознанија за спонтаноста и инспирацијата, за конвенцијата, рутината и импровизацијата.

Ако актот на спонтаноста е нешто што излегува „од самото себе“, во тој случај зборуваме за творечки чин кој во голема мера е мистифициран. Напротив, таа-спонтаноста е оној дел од создавањето кој не може да се подведе под „свесниот“ творечки чин. Во еден творечки чин, како што вели А. Хаусер говорејќи за уметничкото творештво, „спротивноста помеѓу спонтаноста и каузалноста, дуализмот на субјктивниот и објективниот или активниот и пасивниот принцип, е основна формула на уметничкото создавање како и на секој став на свеста кој се однесува на стварноста“3). И дека: „Процесот е дијалектички (подвл. А. Хаусер): спонтаноста и отпорот, инвенцијата и конвенцијата, динамичните доживувачки импулси кои формите ги разбиваат и цврстите, пасивните, стабилните форми се условуваат, се спречуваат и се забрзуваат меѓусебно”4). Инспирацијата, пак, како што е тоа потврдено во теоријата на книжевноста на пример, е елемент на оригиналноста, на творечката непосредност и внатрешниот немир, во творечкиот чин. Инспирацијата во секојдневниот живот е дел од доследното занимавање со една работа, дејствување врз еден предмет на интересирање. Инспирацијата, меѓу другото, е резултат на максимална концентрација на предметот или настанот, на делото врз кое се дејствува. Кога зборувам за конвенцијата, веднаш се наметнува прашањето за создавање стереотипи како основна „задача“ на авангардата (не само во уметноста, туку воопшто). Конвенцијата е рамка која постојано мора да се надминува, а истовремено и потребна, без која не можеме „да се изразиме“. А. Хаусер со право вели дека „бунтот против конвенцијата и сега како и порано е момент на дијалектичко менување на стилот и вкусот, прашање на борба помеѓу слободата и нормата, израз на спротивноста која во најголема мера се изразува најнапред во стопанството, општеството и политиката”5). Конвенцијата претпоставува традиционални форми кои „инспирираат“ на борба токму против нив. Значи, таа во суштина е поттикнувачка и се негира самата себеси, односно бара промена, спротивставување со „неконвенционалното“. Конвенцијата ограничува, но и поттикнува на „бунт“, ја поттикнува спонтаноста. Во овој контекст значајно е и прашањето, односно со поголема тежина се поставува проблемот на рутината и импровизацијата. Ако рутината и импровизацијата се најопасните „техники“ во уметничкиот творечки чин, истото тоа се однесува и на секоја форма на комуникација, а во тие рамки и на комуникацијата преку мас-медиумите, на комуникативната функција на радиото на современата модерност. Рутината и импровизацијата ја гушат, дури и целосно ја негираат инвенцијата, а со тоа и авторовата оригиналност. Ако конвенцијата поттикнува, инспирира, предизвикува отпор, борба, тогаш рутината и импровизацијата го одбиваат и го совладуваат творечкиот потенцијал. Меѓутоа, при ова не треба да се биде докрај категоричен. Рутината и импровизацијата, доколку во творечкиот чин се во некаква рамнотежа, можат да му служат, да го дополнуваат, да го доискажат. Тие се еден вид гаранција за постигнатото ниво, па на некој начин и појдовна позиција за новиот творечки чин. И тоа само во разумна мера. Во спротивно, самиот комуникативен чин ќе дејствува непривлечно, па дури и невкусно.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Во нашата практика во овој момент „царуваат“ рутинерството и импровизацијата, пред сè затоа што е „подзаборавена“ стимулацијата, изгубена е мотивираноста да се создаде „нешто друго“, што е резултат на создадена општа нетворечка клима.

Еден друг многу значаен сегмент на програмата „Радио урнебес“ ја изделуваше од сè друго дотогаш создадено во македонскиот радиодифузен простор: нејзиниот дизајн.

Од теоретско-економски аспект, дизајнот како поим има повеќе значења. Индустрискиот дизајн претставува творечка активност за одредување на „формалните квалитети“ на индустриски произведените стоки. Тоа утврдување претставува работа врз формите (површините, линиите, боите), „но и структуралните функционални квалитети и елементи, преку кои производот се вклучува во системот на потрошувачката и во системот на производството како и во опкружувањето”6). Најопшто речено, дизајнот ги содржи естетските, технолошките и функционалните карактеристики на еден производ. Дизајнот претпоставува пред сè оригинален пристап, што значи во основата на дизајнот е творечкиот креативен чин. Дизајнот е креација на духот, на еден начин „поопштествување“ на уметноста. Меѓутоа, тој истовремено не се сведува само на чин, туку претпоставува и некои други елементи; рационални елементи кои ги проверуваат и потврдуваат низа други науки (економија, социологија, психологија итн.). Дизајнот станува „комбинација на интелигенцијата, вештината и знаењето од разни научни области, со цел што порационално да се користат природните извори на општеството, а за задоволување на човечките потреби на ефикасен начин”7).

Колку овие елементи на индустрискиот дизајн се применливи на една радио-програма, односно беа применети во програмата „Радио урнебес“?

Требаше да измине многу време конечно да се сфати и да се прифати дека само квалитетот може да го продаде производот, под услов тој адекватно да биде покажан-прикажан. Да не зборуваме за маркетиншкото размислување дека не квалитетот, туку дизајнот го продава производот и дека не е важно дали нешто чини, дали е квалитетно; важно е потрошувачот да се убеди дека токму тој производ е најдобар, најквалитетен и неопходен во неговото секојдневје. Се чини дека треба да измине уште некое време за конечно да се сфати дака нема современа-модерна радио-програма без соодветен дизајн, и оти не станува збор за тоа дали една програма треба да се дизајнира, туку како натаму тој-дизајнот да се усовршува. А на програмите на радијата кај нас (и на јавниот сервис и на приватните-независните-комерцијалните-трговските радиодифузни друштва) речиси и не постои соодветен дизајн.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Кој е креативниот аспект, каква е (треба да биде) „комбинацијата на интелигенцијата, вештината и знаењето“, како и рационалноста на дизајнот на една современа-модерна радио-програма?

Креацијата во најголема можна мера се презентира во директната, непосредна комуникација на водителот-комуникаторот со публиката-рецепиентот-слушателот. Мојата креативност како водител, како уредник-водител или комуникатор е самата комуникација да ја „претворам“ во креативен чин. Имено, преку обичниот, секојдневниот разговор, кој ми користи само за меѓусебно „прифаќање“, соговорникот (компетентна личност или слушател) постапно го вовлекувам во контекстот со што тој станува ангажиран субјект. Кои средства притоа ќе користам е прашање на избор: сопствената комуникациска култура, илустрирање на неговото кажување или одговарање, потенцирање (со џингл) на некоја размисла или идеја, користење на поттикнувачки прилог итн.

Комбинацијата, односно рационалноста на дизајнот (користење на интелигенција, вештина и знаење од други области) повеќе ја дефинира мојата вокална личност отколку самата програма; иако, како што тоа го потврдува теоријата на радиото на современата модерност и досегашната практика, вокалната личност ја дефинира, односно ја детерминира самата програма.

Ако за индустрискиот дизајн е основно што тој се потврдува или негира на пазарот за стоки, функционалниот дизајн е најпримерен за една современа-модерна радио-програма. Тоа значи дизајн во функција на вокалната личност и на програмата што тој ја создава.

Еден дури банален пример: фонот како музичка заднина да биде во дисконтинуитет со говорот на вокалната личност (фонот бавен-говорот динамичен). Или: содржината на една програма или емисија да се назначи со шпица која најавува помаргинален пристап, а нејзината обработка да бара единствено аналитичен, продлабочен однос.

За елементите на дизајнот на современата-модерната радио-програма подетално ќе пишувам подоцна, посебно во рамките на одделот за јазикот и стилот, односно радио-изразот, а овде ќе завршам со посочување или потсетување на нешто што е основен предуслов за успешно дизајнирана програма:

Програмскиот дизајн и неговата реализација е доминанатно креативен чин во кој до полн израз се манифестира индивидуалната инвенција, неконвенционалноста, оригиналноста во пристапот, но и тимското творештво. Модерно дизајнирана програма прави уигран тим чии членови меѓусебе добро се познаваат, а особено ги познаваат можностите и способностите на секој одделно.

Што се однесува на Евергрин Гром радио, организираната спонтаност се остварува на повеќе рамништа: содржинско, реализаторско, комуникациско, маркетиншко. Содржината ја преферира концепцијата на одделните програмски сегменти во чии рамки се поставува главната тема, а нејзините рефлексии врз животот и однесувањето на човекот-слушателот претставуваат нејзино надополнување и продолжување; сè со цел таа да се „обработи“ на што е можно поаналитичен начин со исходишта, согледби, совети-препораки; особено кога станува збор за теми, прашања и проблеми од општествено-економскиот, политичкиот и културниот живот. Притоа, поголем акцент се става на организационото ниво кога поставената тема, прашање или проблем има пошироко-поуниверзално значење и континуитет отколку тн. дневни-дежурни кои ја одразуваат минливоста на времето и животот.

Реализацијата го претпоставува подеднаквото значење на организираноста и спонтаноста, а што резултира со подготвеност, ангажираност и соодветна програмска динамика. Ова особено кога се реализира програма во живо, а снимениот материјал претставува нејзина конкретизација или илустрација. Реализацијата поставува прецизна распределба на улогите во тимот и професионално извршување на програмските обврски. Особено е важна улогата на водителот-медијаторот-комуникаторот кој заедно со режисерот и музичкиот соработник-продуцент се грижи за програмската темпоралност, атмосферата, програмскиот ритам и звук, односот помеѓу говорот и музиката и сл.

Комуникацијата со слушателскиот аудиториум, особено директната-непосредната повеќе го става акцентот на спонтаноста бидејќи потврдата на нејзината оствареност-вредност е во збогатувањето на односната програма, емисија или рубрика, во нејзиното надополнување и продолжување. На пример, тн. дебатни емисии нема да ја постигнат основната цел доколку се остане на дијалог со гостинот-гостите во студиото, помеѓу водителот-комуникаторот и слушателите (прашања-одговори). Напротив, тие претпоставуваат расправа, сопоставување на аргументи, па конфронтација на ставови и мислења односно полемика. Организираната комуникација е пред сè посредна-индиректна (писмена кореспонденција), како промислувачко реагирање од страна на слушателите кое може да биде и одложно. Нејзиното уредување ја претпоставува селективноста и темелното познавање на проблематиката. Типичен пример е анкетирањето кое не значи само проверка на мислења и ставови, туку и насочување, надградба и аргументација. Токму комуникацијата овозможува и радиодизајнирање-препознатлив адио-израз.

Маркетиншкото рамниште на организираната спонтаност се остварува низ најразлични форми на промоција и презентација на деловните партнери-коминтентите, и тоа во рамките на осмислена рекламно-спонзорска програма во која се инкорпорирани одделни емисии и рубрики. Користејќи ги инструментите на маркетингот, а особено спецификите на медиумскиот маркетинг, се афирмира тн. креативен маркетинг, не нарушувајќи ја програмската концепција. На пример, разграничувањето на комерцијалните емисии и рубрики од „проблемските“ овозможува актуелност, „осовременување“ на програмските содржини.

____________________

1) Milan Kangrga: „Praksa, vrijeme, svijet“, Nolit, Beograd, 1984
2) Maršal Mekluan: „Gutenbergova galaksija“, Nolit, Beograd, 1973
3) Цит. дело
4) Цит. дело
5) Цит. дело
60 Група автори: „Ekonomska enciklopedija“ 2, Savremena administracija, Beograd, 1984
7) Ибид.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here