Потребно време за читање: < 1 минута

Поставив огледало на рид
свртено кон изгрејсонце
за во него совреме
да влезе незаборавен лик
на жена која никогаш
не узна дека ја сонувам
буден
помеѓу зборови кои
не можам да ги скротам
ниту со воздив,
ниту со нечујна песна.

Никому застанат
пред него
не му пречеше оти
е искривено и распукано
надолж и нашир;
или се радуваше
или ќе се натажеше
гледајќи се во него
како бавно исчезнува.

Откога остарев мигум
и откога на изгрејсонце
престанав да се будам
оти веќе не можев
да стојам цврсто на нозе,
најсетне откога ми јави
едно срце на залез
дека во огледалото
совреме нема да влезе
незаборавен лик
на жена која никогаш
не узна дека ја сонувам
буден,

го собрав во мене
какво што беше,
искривено и распукано
надолж и нашир,
па го сокрив во мрак
преполн со пајажина
и игри на сенки.

За никогаш повеќе
да не ја оживува
мојата
единствена љубов
безмерна.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here