Потребно време за читање: < 1 минута

53. Како што е

Е како што е откога
сам осознав
дека веќе немам сила
да поместувам планини
со недостапни врвови
на левиот и десниот
брег
на реката непресушна,
длабока, бистра
и говорлива;
како бедеми
што ја бранат нејзината
опстојба
од зловесни невремиња.

А не беше како што е
додека во очиве имав
зрак сончевина,
имав оган распламтен,
имав секавица громовита;
додека мојата самосвест,
моето тело и моето срце
леснокрилно,
жинено играа
помеѓу земјата и небото,
збирајќи
плодови и корени
во сегашнина
за паметење севремено.

Ќе биде како што е
сѐ дури не сретнам човек
на трнлив пат
кој молчаливо граби
кон своја последна цел;
непоколебливо
надминува
секакви премрежија
и се провира низ
пајакови мрежи
што ги оставиле зад себе
коски на мртви војски
завојувачки.

Дури не му го прекажам
како ука и поука
моето
безвременско пеплиште.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here