Потребно време за читање: < 1 минута

51. Дрво живородно

Убаво и живородно
дрво
самородно, саморастно
близу до човек жив
од дамнина до овој миг;
заедно вкоренети
во плодна земја.

52. Скипнување

Како да скипнува зрак
речиси далечен,
веќе недогледлив
на надеж и сомнеж
по едновремено искачен
врв,
можеби последен,
можеби претсмртен.

53. На гол камен

Наумуваш даседнеш
на гол камен до тебе,
а не ни помислуваш
дека од оваа жега
под него се сокрила
змија отровница.

54. Изби конечно

Го чекаше долго да избие
на утрина, на виделина,
за отсега дури е жив
да му го варди растежот
меѓу луѓе кои немаат
ни близу ни далеку сенки
за почин на снаги и сили
свои,
за мисли и замисли
нови.

55. Дотука

Било дотука за нас,
до оваа убавина зрачна,
а исто како да не било.
Зашто дотука,
до овој кладенец,
не потаму, не натаму,
нè следеа самовили
со нечуени песни
и незамисливи танци.