Потребно време за читање: < 1 минута

134. Снеубавење

Не чини да се презбориш,
сите извици да ги потрошиш
и сета твоја интерпункција
да ја сневидиш
сал за убавината на сонот
кога предолго, до будење
те разболува сомнеж,
кога без престан те разголува
страв од паѓања во понори,
кога те разгромува спокој
дека може скоро да исчезнеш.

Не чини да се престориш
во докрепа на моите години
оти не бидува цвет без роса
на утрина,
ниту корен без плодна земја
за век и довек.

Не чини да снеубавиш радост
во игра на дожд,
да снеубавиш насмев
во ветер пред мирнотија,
да снеубавиш занес
во извишување под божилак,
да снеубавиш добрина
во бранови од извор до влив.

Не чини да снеубавиш надеж
дека човек конечно почнал
да се извишува
над живот секидневен.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here