125. Трага неизбришлива
Пред мене е, во мене е
трагава што ја открив
штотуку
како човекова,
како жив и вековит доказ
на упорит опстој
меѓу огнови и смрти,
меѓу будења и јадови.
Брзам да ја покријам
со пепел, со земја,
со вода изворска;
брзам да ја сокријам
од сончевина, мрачнина,
од безнадежна игра
на небо.
Иако веќе ја узнав
како неизбришлива.