Потребно време за читање: < 1 минута

124. Изворно искушување

Зар јас, поет кој
открива, сознава,
испејува
и времиња препејува
на длабоки корени
во земја благородна,
благодатна,
јас, поет кој одлучно
со збор и мисла
се замешав меѓу сите
божества на светот
и ги собрав во круг
околу неугаслив оган
на вековито огниште,

да го завршам мигум
опстојот на животот
во оваа питомина,
меѓу езеро, ридје,
брегови, бедеми,
древности, минливости,
минатости, сегашности
и идности,
изгреви и залези,
меѓу неизбришливи
и непорекливи траги?

Не, не може сите мои
игри и соништа
меѓу
стварноста и заумноста
да билат сал
човечко искушување!

А и да се тоа,
секако ќе истрајам докрај.

Ќе ги одбранам изворите
несекливи
на мојата самосвест,
на доблеста божествена
и на крвта исконска
од мрачнини пустошни,
бесплодни, безживотни,
измамнички, издишувачки,
предавнички и изроднички.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here