Потребно време за читање: < 1 минута

91. Јас и дождец
пред убост невина

Јас и овој дождец
што ромони
од точно на полноќ,
а е веќе рано утро,
заедно скоро долго
ќе роптиме;

оти веќе пред нас
не догледуваме
твое насмеано лице
на наше јаве
како во наш сон,
како што уште
од млади години
ни се прикажуваше;

болно, та преболно,
жално, та сомнежно
дека те немам,
дека те нема,
дека ни во жар
што тлее, а никако
да распали зборови
не ни се преродуваш.

А лицето твое
насмеано на наше јаве
како во наш сон
ни се прикажува
рамнодушно, студено,
на гола, на ледена стена
изделкано;

ниту зрак во зеници,
ниту молскот на усни
од радост и сладина.

А ни се прикажуваш
заносна, восхитна,
вознесена
во игра и песна
со древен, со сведен,
со екотен ритам
на срцето.

А ни се прикажуваш,
мене и на дождец
што ромони,
на прозорец наш
кон свет бескраен,
постојан.

Прочитај и за ... >>  СОЗДАТЕЛ ВО ИЗГРЕВОТ И ЗАЛЕЗОТ, XII, СЕМОЖЕН, НЕМОШЕН И НЕВОЛЕН, Немошен, поетска студија за беспаќата во човекот

Јас и овој дождец
заедно скоро долго
ќе роптиме
оти лицето твое
веќе не е насмеано
на наше јаве
како во наш сон.

А е веќе рано утро.

 

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here