Потребно време за читање: < 1 минута

25. Семе за именување

Штотуку ми никна
семето
што есеноска радосно,
надежно го ставив
под камен
и го покрив
со плодна земја.

Фатило корен,
се вкоренило,
па сончев зрак
направил процеп
во каменот
за да му овозможи
да излезе на виделина.

Морам веднаш
да го заштитам од сечии
навалици на сотирачи
на сѐ што е
или допрва ќе биде
затврдување,
едновремено докажување,
едновремено опстојување,
едновремено истрајност
на мојот идентитет.

Јас во меѓувреме
го затврдив
мојот идентитет,
едновремено
докажувајќи го пред знајни
зломисленици;
едновремено опстојав,
едновремено истрајав
како единствен во светот
на животот,
на самосвесностите.

Никнатото семе
ќе го именувам
откога коренот негов
и стеблото негово
и плодот негов
ќе се извишат над сите
мои неизмирливости.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here