Потребно време за читање: < 1 минута

47. Творечки набој

Просто е деноноќен,
просто е незапирлив,
просто е мигновен,
просто е замислив.

Не се ни обидувам
да се помирам со него
макар некое време,
не се ни обидувам
да се разделам од него
макар некое безвреме.

Се крепиме меѓусебно
додека сме заедно
некаде близу до извор
бликнат на сонце.

Се извишуваме по сон
во кој јас сум стожер
на возбудата,
тој продолжувач
и бдејач на мислата.

Но што се случува
со творечкиот набој
што клокоти и се пени
отспротива?

Како да се обидува
мојот да го наваса,
како да намислил
мојот да го снеможи!

А не знам од кого е,
во кого е, за кого е.

Го мислам, го откривам,
го толкувам и сознавам
зашто пред мене
и пред него
почна да заживува
некој нов зрак на љубов
благородна.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here