Потребно време за читање: < 1 минута

48. Непорекливо

Години во веков мој
со непореклив опит
и со траење без здив
во неуморен говор
вкоренет во свеста.

Непореклив опит
на човек самосвесен,
кој никогаш никому
не му оставил
каков-годе знак
на сомнение
оти се населил овде,
меѓу овие планини,
крај овие извори,
во овие шуми
од земја до небо,
по долга потрага
за полнота на животот.

Говорот непорекливо
вкоренет во свеста,
сосе исконско писмо
на мраморен камен
изделкано,
уште неоткриен
докрај,
уште недотолкуван
сосем,

е смислен
за човечко разбирање,
достојание сенародно
и лична постојаност.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here