Потребно време за читање: 3 минути

7.

И во младоста Сонцева беше со многу убаво лице и стројна снага, за нејзината рожба и во староста со неа, а ништо од убавината не изгуби ниту во претсмртна постела, кога зајдуваше и гаснеше. Без оглед на набрчканоста, бледилото и сувоста. Како да ништо не ѝ можат деведесет и двете години собрани во нејзините коски. И кога конечно се упокои таква. Особено на убавото лице-со сјајни очи, сонцеви зраци во нејзините зеници, непресушна ведрина, радост, со блага насмевка и задоволство.

Сите ближни што се простуваа од неа пред да се упокои забележаа како сјајот во очите и сонцевите зраци во нејзините зеници се зголемуваат и се засилуваат. Ги обземаше, ги сплотуваше. И ги онемуваше, им ги одземаа зборовите додека со спокоен глас ги потсетуваше дека во сите нив тече животворна и вековита крв како зрак сончевина и извор на вдахновение. Како да им даваше сила слушајќи ѝ го советот по неа да продолжат на патот што им го покажа, патот од нејзините предци-на самодокажување, извишување, на затврдување на самобитноста. На единствен начин: создавајќи, градејќи, надградувајќи, оставајќи им на потомците непорекливи, неприкосновени и единствени дела за опстој и за траење.

Секогаш кога погледнува на малото парчето лорандит, жаровито црвено, на Сонцевата крв, Македон во себе ги слуша зборовите на Сонцева:

„Знам дека знаеш за неговата животворна и вековита моќ, а ќе ги видиш и ќе ги почувствуваш кога ќе го ставиш во центарот на штитот како штитот на Александар, во розетата обгрната со шеснаесетзрачно сонце и кругови. Со светлина, енергија, дејственост и хармонија“.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За доблести, метафизички роман

Ги знае симболиката и значењето на круговите, сино-виолетовата розета, на осумте помали и осумте поголеми зраци: круговите го искажуваат единството на светот, сино-виолетовата розета значи убавина, љубов и раѓање, а зраците животворноста на мислата, умноста, откривањето и сознавањето сосе човековото извишување и доблест. Веќе знае што и како потаму со системот на четирите темели на цивилизацискиот опстој -енергијата, земјата, човекот и волјата: енергијата се собира, може во точка, може во мрежа, а никако да се растура бесцелно; земјата се превртува, се чисти од секакви плевели и се ослободува од пакосници, па се чисти од штетници, па се плоди, се облагородува и конечно се напојува во сушно време; човекот цел живот учи да ја брани својата природност и да не дозволи никој да му ја забранува слободоумноста; ниту елементарни непогоди, ниту бесовесности, ниту беспоговорни сили; волјата, пак, не е за никаква моќ, туку за да се почне, да се продолжи и да се заврши штогоде, да се биде незапирлив, да се стаса до целта која е последна само на умирање.

Ах, тоа убаво лице на Сонцева! Ах, тие нејзини сјајни очи! Во кои ако продреш ќе се огледаш како во огледало и ќе се согледаш каков што си. Без сокривање, прикривање, самозалажување. Да, токму како нејзина рожба. Тој сјај во нејзините очи секогаш беше еднакво силен; ниту стишан, ниту засилен. Од рани зори до ниедно време. Во ничии други очи не видел и не виѓава таков. Жизнерадосен.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Ах, тоа убаво лице на Сонцева! Ах, тие сонцеви зраци во нејзините зеници! Неугасливи! Од изгрев до залез на сонцето. Не горешти, не студени, а родени од љубов, добрина и искреност. Исти во двете зеници. Како еден разделен на два пред да влезат во нив. И возвратни, да! Ако се загледаш во нив, почнуваат да навлегуваат и во вашите. Сосе топлината, неугасливоста, со силата на љубовта, добрината и искреноста. Во ничии очи не видел и не виѓава такви. Жизнерадосни.

Ах, тоа убаво лице на Сонцева! Ах, таа непресушна ведрина и неизмерна радост! Како никои, како ничии други. Ведрина како небесна, безоблачна чистота; што поттикнува, што олеснува тежина, каква било мачнина. И радост што расположува, успокојува. Да, и возвишува. Сеедно во самост ли, во дружба со знајни или незнајни. Ведрина и радост кои во секого влеваат самодоверба, човек да им ги сопостави енергијата, решителноста и доследноста на какви било грубости и суровости во животот. На ниедно лице не видел и не виѓава такви. Жизнерадосни.

Ах, тоа убаво лице на Сонцева! Ах, таа блага насмевка! Која никогаш поради ништо не станува рамнодушна, студена, бескрвна или вкочанета. Напротив, секогаш широка, пристапна, игрива, препознатлива. Таа благост може да е исказ само на душевно рамновесие, најнапред, а потоа дека е врзана за сета рожба, и блиска и подалечна и далечна, со неа поврзана неразделно. Искрена, од срце? Секако. Вистинска, никогаш изнасилена. Никогаш не исчезнуваше од нејзиното лице, а не исчезна ниту во претсмртниот час. На ниедно лице не видел и не виѓава таква. Жизнерадосна.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За доблести, метафизички роман

Ах, тоа убаво лице на Сонцева! Ах, тоа нејзино задоволство од животот што го проживеала и го живееше до смртта! Несоборливо од тежините и мачнините што ги совладала сама или со нечија помош, ниту од неисполнетите желби или цели. Задоволство интензивно, како среќа, како смиреност на духот и здравје на телото. И за неа важи истото што и за други: дека задоволството е различно во одделни години живот, а нејзиното најголемо беше во седмата деценија кога рожбата се намножи и почна да вкоренува до неа. И многу нејзини мали задоволства заедно победувале големи. На ниедно лице не видел и не виѓава такво задоволство. Жизнерадосно.

Во младоста Сонцева имала многу љубови, повеќето како игри и блискости. Во зрелото доба неколку со оставени трајни лузни на срцето и душата. Една на четириесет и две и една на педесет и седум години ѝ се непреболени.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here