Потребно време за читање: 3 минути

38.

Собра одново Сонцева ближни околу својата претсмртна постела, во доцен ноќен час, и им раскажува:

-Ближни мои, ми дојде часот на зајдување и гаснење. Деведесет и две ми собраа коскиве, па нормално е да ми дојде. Дури може и задоцни. Затоа пак ви велам дека не сум за тажење и не сакам никој ни солза да пророни. Се надевам дека ќе се придржувате на договорот мојава смрт заедно да ја испратиме како конечно упокојување.

Сигурна сум дека по сѐ што чувте од мене, откривте помеѓу себе, си прикажавте и прекажавте што знаете и осознавте од други за најважните љубови, мои, ваши, на други наши ближни. Си докажавте на себеси и дека сите сте моја крв. Вие, синови и ќерки на мои веќе мртви браќа и сестри, синови и ќерки мои, внуци и внучки на синови и ќерки мои, и сите вие други ближни мои. Но дали запомнивте за никогаш да не заборавите оти во вашите вени тече Сонцева крв, животворна и вековита? Како зрак сончевина, извор на вдахновение?

Сигурна сум, исто така, дека по сите љубови, без оглед на сѐ во меѓувреме, по мене ќе продолжите на патот што ви го покажав јас, а мене ми го покажаа моите предци. Единствениот пат на самодокажување, извишување, на затврдување на самобитноста. Пат на создавање, градење, надградување, оставање на потомците непорекливи, неприкосновени и единствени дела за опстој и за траење.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За доблести, метафизички роман

Завршувам и завршувате за љубовите? Да. Доволно беше. Време е за доблестите, моите, вашите и на мојот и на нашиот Александар. Се разбира, тие се непосредно и посредно поврзани, испреплетени, блиски, далечни, па и во некоја мера зависни од љубовите. Но, секогаш треба да ја имате на ум особено нивната последичност како самостојни во однос на опстојот денес и утре.

Сонцева беше видливо преуморна. Ги склопи очите и почна да дише рамномерно. Како да потона во длабок сон.

Помина некое време, за сите ближни околу нејзината претсмртна постела долго, бескрајно. Некои помислија дека почина незабележливо.

Пак ги отвори очите, воздивна длабоко, се насмевна, живна и му се обрати на Македон:

-Сакам конечно сите да дознаете за малото парче жаровито црвен лорандит што го поседуваш ти, Македон, а има животворна и вековита моќ. Многу сум ти благодарна оти си го нарекол Сонцева крв. Сите да знаете дека е тој како зрак сончевина, како извор на вдахновение. Собира во себе и зрачи од себе светлина, енергија, дејственост и хармонија кога е во розета среде штит со шеснаесеткрако сонце, ист како на Александар III Македонски и неговите воини. Сите вие, ближни мои, треба да знаете дека Македон постапи како што му порачав и има во посед таков штит со парчето лорандит.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За доблести, метафизички роман

На сите вас ви порачувам секогаш кога ќе можете да го посетите и да бидете крај него, пред него, да го држите в раце некое време. Без оглед колку сте близу или далеку. Оти е најважен за доблестите што отсега ќе ги слушате од мене, ќе ги откривате помеѓу себе, ќе си прикажувате и прекажувате што знаете и осознавте од други за најважните мои, ваши, на други наши ближни. Со нив докажувајќи си на себеси дека сите сте моја крв.

Кога ќе кажувам и раскажувам, кога ќе кажувате и раскажувате за доблеста секогаш да ја имате предвид тежеста на патот до неа; моето и вашите учења, искушенијата и приклученијата на него. Особено кога е збор за мудроста и храброста зашто се меѓузависни. Храброста иде од мудроста, а на мудроста секогаш ѝ е потребна храброст.

Секако дека никогаш не треба да се пренебрегнуваат моралните норми на времето и нивната неразделност со духовните, но и со материјалните лични и колективни потреби, знаења и дејственост.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Знам дека повеќето од вас, ближни мои, знаете, но јас од знаењето за доблеста и доблестите сакам да го нагласам признавањето на вредноста на животот и животворноста. Особено создавањето вредности од човекот, секогаш во согласност и рамнотежа со природата. Што е суштествено за неговото опстојување.

Ние знаеме дека и љубовта е доблест, пред сѐ непорочната. Ја издвоивме, ја раскажувавме одделно зашто е секогаш во рожба, со рожба и за продолжување на рожбата. Зашто сме за нејзино продолжување, без оглед дали сме заедно, близу или далеку едни од други.

Сонцева уште еднаш почина точно на полноќ, кога се преклопија сказалките на големиот часовник во нејзината болничка соба и кога последното песочно зрно падна во долната половина на малиот песочен часовник на шкафчето крај нејзината претсмртна постела. Ги склопи очите и за последен пат издиша длабоко, со блага насмевка на усните.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here