Потребно време за читање: 3 минути

Што беше тоа дилетантизам? Ви текнува?

Таман работа да не знаете: дилетант е нестручњак, површен познавач (синоним: аматер); дилетантизам-површно, повремено, нестручно занимавање со некоја наука, уметност, работа.

Но што има навредливо во неговото значење? Нема ништо! Ами зошто се навредуваат таквите кога ќе ги именуваме како такви? Јас немам поим. А вие?

Мислам дека никој нема ништо против, ниту, пак, штета од дилетантите. Напротив, бидејќи во сите области и дејности се во масовен број, цели армии, тие се или можат (ако не се) да бидат мошне корисни, употребени и злоупотребени. Се разбира, од недилетантите-стручњаците, темелните познавачи (синоним: професионалци).

Најконкретно: нашите бизнисмени, јас ги нарекувам полит-бизнис олигарси, не би биле толку успешни доколку својот бизнис не го туркаат со помош на дилетантите. И во бизнисменските и во политичките кругови. Можете ли во овој миг да се сетите на некој од нив, а успешен благодарение на професионалци? Не можете!

Нема шанса. Едно затоа што тие се за нив опасни по живот, а друго, можеби и поважно, не се во состојба, поради „објективните околности“ да ги платат колку што вреди на пазарот нивната стручност и способност.

Прочитај и за ... >>  Убиен или не?

Со дилетантите, пак, особено со оние од посредните дејности и сфери, на пример медиумската, е многу полесно, речиси неопасно, речиси безболно да се…манипулира. Ете зошто нема, без исклучок, недилетантски медиум. Оиеј што повремено се појавуваат мораат да згаснат, да ги снема од сферата превентивно, пред да станат заразни за другите.

Ако општеството, точно државата, поточно власта, најточно полит-бизнис олигархијата, сакаше да си има работа со професионални медиуми, најнапред ќе беа многу малку на број (концентрација на стручноста, знаењето, професионализмот), а потоа, што е најважно, најголемиот број од нив ќе беа независни, самостојни, моќни, силни, влијателни. Не седма, каква што е во развиениот демократски свет, туку прва сила.

А политичкиот дилетантизам? И порано сум (пот)кажувал по нешто лаички и стручно за него. Овојпат, со конкретен повод, ќе поставам само едно прашање за ваша дилема, трилема, а може и полилема:

Колку е политиката кај нас, пред сѐ како ежедневен ангажман, наука, уметност, дејност која се темели на стручност односно професионализам? Што е тоа политикологија?

Кој е основниот наш проблем со нашите политички дилетанти, засега ненадминлив и до блиска иднина нерешлив?

Прочитај и за ... >>  Во СДСМ не само лидерска криза

Тоа што се во самите врвови, на челата на политичките партии. Ама да се разбереме: кога мислам на политички стручните, на политичките професиноналци, не мислам само на дипломираниот (на политички науки и блиски на нив), туку, како и во секоја друга област или дејност, на посветеноста на политиката, во занимавањето со неа (што е суштинско значење на професинализмот). Не посветеност за освојување на власта (што е, пак, сосема легитимна основна цел на секоја политичка партија), туку во дејствувањето и работењето во интерес на граѓанинот или, во поширока смисла, на „својот“ етникум, а во најширока на народот и државата.

Во однос на проблемот, се наметнува еден мошне интересен парадокс: наспроти политичките дилетанти во врвовите односно челата на партиите, многу поголем и пораширен е професионализмот помеѓу нивните членства! Па тогаш како е можно, како си дозволуваат тие да бидат (зло)употребени, манипулирани од една „шака јаддници“ (покажани и докажани како такви)? Добро е, време е да си се прашаат самите и да се обидат да го пронајдат одговорот.

Конкретниот повод:

Иако не ми беше непознат (напротив), сепак сум поприлично „изненаѓен“ (не и „увреѓен“) од покажаниот и докажаниот политички дилетантизам на врвовите на една докажана деструктивно-конструктивна партија. Едноставно затоа што не е од вчера, ами од завчера. До вчера беше во власта како позиција, а денес плаче и кука (соимболички, ама речиси и буквално) како власт во опозиција. Демек, не е жедна за власт, туку бара да бидат во неа Влада оти таков, властодржачки легитимитет и дале гласачите со тоа што поголемиот број од нив гласале повеќе за неа одошто за најконкурентната.

Прочитај и за ... >>  За човечкото достоинство

А политичкиот дилетантизам? Нема многу да го редам, туку само ќе посочам на првиот, и тоа како прашање до врвовите на партиите со национален или граѓански предзнак (има некоја без него?):

Што е Парламентот? Не е власт-позиционо-опозиционерска? Зарем само Владата е власт? За што се жедни изгласаните пратеници кога се бореа за довербата на гласачите (се однесува на жедните не за во Влада)?

Кога јас би бил премиер, на оној ептен важен и ладнокрвен Господин од европскана, кој предупреди дека не бил задоволен оти немало дијалог со лидерот на легитимната партија, без око да ми трепне би му поставил реторичко прашање:

Дали Европа дијалогизира со политички дилетанти?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here