Потребно време за читање: 4 минути

По првиот шок од размерите на последиците од земјотресот, огромните жртви (над 100.000) и разурнувања, светот почнува да реагира, иако многу бавно. Особено во спасувањето на затрупаните живи луѓе под урнатите зданија.

Во поновата историја на тектонските движења на Земјините плочи и земјотресите по нивните рабови, земјотресот на (12.01) ќе биде забележан како еден од најсилните-7 степени според Рихтеровата скала. По него се забележани уште 30-тина помали, од кои 10-тина со магнитуда поголема од 5 степени.

Епицентарот бил на 15 километри западно од главниот град на Хаити- Порт-о-Пренс.

Веќе се познати и некои други детали:

Земјотресот настанал во внатрешноста, околу 16 километри западно- северозападно од Порт-о-Пренс, на длабочина од 13 километри. Тој бил почувствуван и во Јамајка, Каракас и соседната Доминиканска република. Настанал во близина на северната граница на областа каде што карипската тектонска плоча налегнува на северноамериканската.

Светот реагира:

Американската крајбрежна стража ги премести бродовите и авионите поблиску до Хаити за да бидат подготвени за дотур на хуманитарната помош. Мексико и Франција испратија спасувачки служби за пронаоѓање на преживеани, а Германија, Британија и Венецуела испратија помош во пари, храна, лекови и вода за пиење.

Сликата од главниот град е стравична: по улиците илјадници мртви тела под тропското сонце- се заканува епидемија. Болниците работат речиси без лекарски персонал. Очајот и гневот расте поради бавното пристигнување на помошта, па граѓаните прават барикади-ги затвораат улиците со трупови.

Прва реакција на американскиот претседател Барак Обама:

„И наредив на мојата администрација да преземе брза, координирана и агресивна акција. Јасно му кажав на националниот тим за безбедност дека ова е врвен приоритет“.

Прочитај и за ... >>  Ветувачка „бомбардировка“

Воздушниот простор над Хаити е затворен поради неорганизираност и оштетеност на аеродромот, а авионите надлетуваат со надеж дека ќе имаат гориво да се вратат. На пат кон островот е американски нуклеарен носач на авиони кој ќе биде искористен за слетување на хеликоптерите, пречистување на вода и болница.

Вчера американскиот државен секретар Хилари Клинтон го посети Хаити, при што се сретна со претседателот Рене Превал и од него побара прогласување на вонредна состојба, со што американските трупи би можеле да се справат со вооружените банди.

„Ова е многу тешка мисија за нас поради разурнувањата, малиот аеродром и уништените патишта. Сепак, секојдневно носиме повеќе помош и јас сум горда на напорите што ги преземаме во име на американскиот народ“, изјави Клинтон.

На островот пристигнаа припадници на американската елитна 82 – ра падобранска дивизија.

Обама одобри мобилизација на воени резервисти кои ќе бидат ангажирани да му помагаат на населението на Хаити, а Белата куќа соопшти оти според одобрението што го потпишал претседателот, Министерството за одбрана ќе може да ги повика пред се резервистите од медицинската струка, кои ќе бидат користени на ограничена основа, но се уште не се знае колку луѓе ќе бидат регрутирани.

Новинските агенции пренесоа дека претседателот на Никарагва Даниел Ортега ги обвинил САД дека го користат хаосот на Хаити за трупање на воени сили на островот. Пентагон досега испрати 10.000 војници, воени бродови и медицински екипи.

За помош на настраданите се помоли папата Бенедикт 16- ти

„Нашите мисли се со луѓето на Хаити. Дознав за исчезнатиот бискуп и за многумина свештеници. Ги охрабрувам напорите на хуманитарните организации, се молам за повредените, бездомниците и за оние кои трагично ги изгубија животите“.

Прочитај и за ... >>  Против економската криза со глобален „Нов договор“; пример за углед и примерно поведение: исламските банки!

Најновата вест е дека САД се загрижени поради ризикот од појава на беззаконие на Хаити, но не планираат да воспоставуваат полициска контрола во земјата. Мминистерот за одбрана Роберт Гејтс нагласил дека сепак американските сили на Хаити имаат надлежност да ги заштитуваат локалните жители или себе си, доколку се најдат во таква ситуација.

„Со оглед дека не постои можност на населението да му обезбедиме доволно храна и вода, постои опасност некои лица во состојба на очај да прибегнат кон насилство“.

Гејтс потенцирал дека САД и Обединетите нации заеднички ќе работат во насока на гарантирање на безбедноста во државата.

Американскиот министер за национална безбедност Џенет Наполитано изјави дека САД привремено ќе прифатат деца кои останале без родители. Ова хуманитарно решение ќе овозможи тие да можат да бидат посвоени во САД.

Британската хуманитарна организација „Оксфам“ соопшти дека нејзините активисти успеале да им разделат храна и вода на преживеани сместени во еден импровизиран прифатен центар.

Централата на Црвениот крст во Женева информира дека нејзините припадници на Хаити работат без престан и оти се уште веруваат дека ќе пронајдат преживеани под урнатините. Тие ситуацијата ја оценија како „најтешка логистичка трагедија досега“ со која организацијата се соочила.

Во посета на Хаити допатува генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки-Мун, кој лично се увери во ситуацијата на терен.

Во меѓувреме трае операција за погребување на телата на загинатите. Камиони ги истоваруваат телата во масовни гробници и веднаш се погребуваат.

Прочитај и за ... >>  Предвременото топење на снеговите и неговата политизација

Италија е подготвена да му го отпише долгот на Хаити како дел од напорите да и помогне на опустошената сиромашна карипска држава, соопшти италијанскиот министер за надворешни работи Франко Фратини. Долгот е во висина од околу 40 милиони евра (57 милиони долари). Италија веќе се ангажира за обезбедување помош за Хаити во висина од 5 милиони евра.

Пред два дена, Франција го повика Парискиот клуб на кредитори да ги забрза плановите за отпишување на долговите на Хаити.

Високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика Кетрин Ештон денеска во Брисел одржа вонредна седница со министрите за развој од земјите членки на ЕУ поради давање помош на жртвите од катастрофалниот земјотрес на Хаити. Министрите ја разгледале и процениле ситуацијата и се договориле да се започне со итна координирана акција за подршка на напорите за расчистување, како и реконструкција на патната инфраструктура. Ештон в среда ќе отпатува во САД на разговор со американскиот државен секретар Хилари Клинтон и генералниот секретар на ОН, Бан ки-Мун.

„За обнова и јакнење на институциите на државата ќе бидат потребни околу 10 милијарди долари меѓународна помош“, изјави претседателот на Доминиканската република, Леонел Фернанез на првиот меѓународен состанок посветен на обновата на разурнатата држава. Предложено е да се изврши проценка на економските последици од земјотресот и да се утврдат приоритетите, а по тој повод во Монтреал на 25-ти јануари ќе се одржи меѓународна донаторска конференција.

Конечниот биланс на настрадани и повредени од земјотресот се уште не е точно утврден.

Владата на разурнатиот Хаити прогласи 30- дневна жалост.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here