Потребно време за читање: 3 минути

Се рабира, не може да се оценува и проценува зошто и како се случува тоа што се случува со Иво Санадер, поранешниот хрватски премиер, со оглед дека не се познати внатрепартиските ситуации (во ХДЗ), но може да се заклучи дека е мошне препознатливо како „балкански синдром“, односно балканска „партијност“ и политика: поради опасноста од раскол во партијата, па и распад на владината коалиција и предвремени парламентарни (избори некои коалициски партнери најавија дека ќе истапат доколку се врати, со што Владата би го загубила мнозинството во Саборот), тој не само што не може да се врати во неа, односно да се активира во рамките на позицијата што ја има(ше-) почесен претседател на ХДЗ), туку е и исклучен!

Како ништо да не значи дека со тоа на Санадер и директно и индиректно му се признава моќ, односно авторитет и влијание, односно лидерство, а што, напротив, би требало да претставува силен „кохезионен фактор“.

Кога е така, не е ли реална опасноста тој и надвор од неа да предизвика, дури многу повеќе и побрзо раскол, фракционерска борба, како што обично се случува на овие балкански простори (се разбира и кај нас): да формира нова или да предизвика формирање на многу нови, мали и незначајни партии, со што силата и големината на ХДЗ би „паднале“ сами од себе?

Во јули минатата година Санадер (има 56 години, што се смета за „најзрело“ доба особено во политиката) неочекувано пред се за сопартијците поднесе оставка и целосно се повлече од јавниот живот. (Дали и за „меѓународниот фактор“?; да не беше тоа „иницирано“ од него поради проблемот и мошне цврстиот, за неа „ригиден“ став во врска со пограничниот спор со Словенија?)

Прочитај и за ... >>  Предупредување и оправдување

Вчера тој соопшти дека се враќа во политиката.

„Одлуката да се повлечам од политиката беше целосно погрешна“, изјави на прес-конференција во Загреб.

Одлуката ја донел по лошите резултати на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) не минатонеделните претседателски избори, а на кои нејзиниот кандидат Андрија Хебранг освои нешто повеќе од 12% од гласовите и не успеа да се пласира во вториот изборен круг. Потенцира:

„Ја донесов ваквата одлука бидејќи во првиот круг ХДЗ оствари најслаб изборен резултат од формирањето на партијата во 1989-та година“, а одговорноста за неуспехот не е само на Хебранг, туку и негова.

„Сметам дека погрешив што се повлеков. Затоа решив целосно да ја активирам својата улога како почесен претседател на ХДЗ“.

Го потврди и она на што упатив погоре во заграда: дека се повлекол од премиерската функција затоа што не сакал дел од територијата на Хрватска да и предаде на соседна Словенија.

„Балканскиот политички синдром“ уште повеќе го потврдува со ставот дека и дава целосна поддршка на актуелната хрватска Влада на Јадранка Косор. Не само затоа што, како што потенцира, ја спроведува неговата програма од 2007-ма година за борба против корупцијата и за зачленување во ЕУ, туку и оти добро се справува со економската криза“.

Прочитај и за ... >>  Полесно со Папандреу? Не, туку поразумно и порелаксирано.

Денеска Иво Санадер, кој беше хрватски премиер од 2003-та до 2009-та година, е исклучен од членство во ХДЗ! Тој го прифати тоа „условно“:

„Ја прифаќам одлуката на претседателството на партијата доколку е таа за доброто на ХДЗ“, изјави за новинската агенција Хина.

Образложението на претседателката на ХДЗ и актуелна хрватска премиерка Јадранка Косор, по одржаната седница на Претседателството на партијата на која таа го дала предлогот за исклучување (оценила дека се обидел „да изврши пуч во партијата“), е во најмала мера изненадувачко:

„Поради непоправлива штета и кршење на Статутот на партијата Санадер е избришан од членството во ХДЗ“.

Дали е кршење на Статутот и непоправлива штета неговата најава за враќање во политиката? Можеби се мисли на неговото образложение зошто се повлекол (погоре цитирано), но тоа да предизвика „непоправлива штета за партијата“…Сепак е јасно дека главна причина за исклучување е „читањето меѓу редови“ на ставот на Санадер во врска со резултатите на претседателските избори- дека за тоа е виновно раководството на партијата.

Прочитај и за ... >>  Џабе премолчување. Се гледа и се користи!

За бришење од членството на Санадер во ХДЗ гласале 16-мина, против биле тројца, а двајца биле воздржани.

Имајќи ги предвид веќе познатите ставови на коалиционите партнери во Владата на Хрватска, реално е да се очекува Косор да добие поддршка и од нив.

Се уште не е јасно дали ќе го искористи правото да го врати пратеничкиот мандат, па аналитичарите во Хрватска оценуваат дека Санадер всушност се обидува токму преку пратеничкиот имунитет да се заштити од серијата истраги кои во Хрватска се водат против челници на неколку од најголемите јавни претпријатија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here