Потребно време за читање: < 1 минута

1. Повторен град

Никој нема да ја запре
својата игра
ако ја откриеш коската
на твојот последен прст!

Ќе ти се налутат соиграчите
затоа што си им го разбудил
утрото;
ќе ти се налутат многу,
па ќе мораш да ставиш
студен нож на мевот;
а болки нема
сѐ дури е вака пријатно
на крајот од ноќта
гледана со љубопитство.

Никој нема да стави очила
за да те гледа појасно,
не како во магла,
не како во штотуку
паднат мрак,
ако ја откриеш реката
крв
што не запира
откога го изваде лесно
твојот последен заб.

Може да се откажат
од тебе,
може повеќе
да не ти дозволуваат
макар да поиграш со нив.

Може и да те заборават,
дека некогаш понекогаш
сте играле заедно
живот.

Оган нема
во твоите голи гради,
оган нема
во твојата крв,
оган нема
во твојата самосвест,
оган нема
во твојот опстој
на небо
со птици раскрилени.

Прочитај и за ... >>  НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

Сѐ дури е тивка,
речиси немошна,
дури е безгрижна
само нашава
ноќ пред зори
на крајот од градов
откриван, та сокриван
во паметењето.
____________
*Драги пријатели, почитувачи на моето книжевно творештво,
Почнувам со создавање и континуирана објава на ново поетско дело, поетска студија за играта.
„Некогаш понекогаш игра“ се темели на мојата објавена стихозбирка во 1973. година, под наслов „Некогаш игра“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here