Потребно време за читање: < 1 минута

14. Добрина во очи на коњ

Додека го јаваме
од една до друга карпа,
тој без запир, без здив
гледа напред и назад,
напати во слепи патници
низ мои и твои сенки,
сокриени во години
минати.

Тој се радува
дека е сѐ уште со нас;
во очите има смеа,
а умората ја крие
прикажувајќи ја
како игра;
никако не му тежиме,
ниту ќе му дотежиме
до смрт.

Јас навистина не знам
да ти одговорам,
ниту знам како да дознаам
од кога се двеве карпи
толку високи, толку остри;
само ќе ти речам,
коњов да не чуе,
та да запре во скок:
имаше една војна,
одамна ли беше,
кога гледавме на времето
невреме,
во која изгина сѐ живо,
и корен и плевел и плод
и крв и збор,
освен двајца закрвени,
па помеѓу нив потече
матна река;
можеби баш тие
се карпиве,
за да не ги однесе
и од најблизок род
заборавени.

Прочитај и за ... >>  НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

Не грижи се за коњов;
нема да запре
сѐ додека има спокој
во очите,
добрина за нас.

Кога ќе му дојде часот
ќе легне во нашиот круг
за последен почин.

За нас нема враќање
во високата шума
што со него ја прелетавме
в миг,
заедно со птици преселници
од сите во сите
годишни доба.

И не треба пак да бараш
да ти кажувам успивна
со слики што ни самиот
не ги разбирам,
што ги мислам празни,
нелогични,
без синергија во нив;
ко уста на ветер,
ко убави топлини
во многу бои есенски,
ко да не се и за зима
и за лето,
ко да нема никогаш
да пролетат.

Дури го јаваме
од еднава до другава
карпа,
без запир, без здив,
тој знае дека нема
да го оставиме
ниту жеден ниту гладен
кога ќе остане последен
во молња.

Ова не ќе е игра за деца
во која се препознаваме
дека одамна сме биле
од оние во војна изгинати,
од матна река однесени,
а сега вратени
да ги гледаме двајцава
и да не разбираме
и да се чудиме
како уште стојат
високи и остри.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here