Потребно време за читање: < 1 минута

30. Отпоздрав по разминување

Паметам дека некогаш имавме 
на куќава од којзнае кој век
со повеќе балкони
што гледаа кон ридон.
На нив јас и ти со кренати раце
кон небото, кон сонцето,
кон ѕвездите, кон месечината.

Повеќето беа спроти реката
од нашето детство,
со бела карпа под мостот
како да ѝ е под јазик.

Сега ми изгледа како
пред уривање, пред умирање,
иста како онаа крај јасенот
со соголено стебло
и со корен над земја
што долго во љубовта наша
беше наша постела.

Пред нас е празен простор,
како наш воздив
без последни зборови
за збогување и спомени.

Паметам дека седнуваме
на брегов,
како да сме измислени сенки
од некој што ништо
не знае за нас.
Расплетената коса
ти ги покрива рамената,
а моето чело е набрчкано
од предолги грижи
сегашни и идни.

Сега седнуваме премалени
и ја гледаме рекава
како тивко, како лесно,
како безгрижно,
како детинесто патува
во неврат.

Прочитај и за ... >>  НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

Нѐ гледаат осаменички,
растажено
сѐ подалечните ѕидови
на нашава куќа
од којзнае кој век.

Ти ненадејно ми велиш
со повишен, па строг,
па длабок глас: 
„Престани да збориш!
Сакам да ја слушам рекава
што истекува како наш ден
и како моја ноќ“.

Јас замислен ти одговарам
дека е за наше добро
да го минеме мостон
и да седнеме
на другион брег.
Рекава таму е сигурно
подлабока,
а знам и оти е многу
потивка.
Потоа полесно ќе ја бараме
и ќе ја најдеме жената
што нѐ крена на нозе,
нѐ порасна и нѐ созреа
заедно со сите деца
во нашата живеачка.

Паметам дека следуваше
отпоздрав,
откога се разминавме
безнадежни
оти останавме предолго
на бреговите од реката
крај нашава куќа 
од којзнае кој век.

Сѐ мислам
дека ќе потоневме
во говорот, во мислата,
во молкот,
ако заедно не успеавме
уште еднаш
за последен пат
да го искачиме ридон.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here