Потребно време за читање: < 1 минута

4. Обновен град до последен камен

Прстите на твоите раце и нозе
ги пресекла мразна зима
само последниот не го досекла;
го разголела до една
единствена коска,
па сега во овој миг на достојност
се надеваш дека ќе застане
некој пред тебе ако ја откриеш.

Како одамна последен ден
да те одминал,
не некој, а сите ќе ти се налутат
оти токму така,
со коската на твојот
последен прст
им го разбуди утрото
наврапито, мигум
по длабок сон.

Ќе ти се налутат така и ти
поради болот што ти се јавува,
како што те учел народот
од урнатиот град,
мораш да ставиш студен нож
на мевот;
за да го снемаш бар додека
е сѐ уште вака пријатно
на крајот од секоја ноќ
мината и гледана
од некој, од сите, од тебе
со љубопитство.

Твојот последен заб
во сувата уста
има река што гори крв,
се разбира сѐ уште здрава;
ако им ја откриеш,
никој од нив нема
да стави очила
за да не ослепи
од нејзиниот (од)блесок,
та да не го догледа градот
обновен до последен камен.

Прочитај и за ... >>  НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

Не некој, а сите ќе ти се налутат
оти токму така,
со последниот заб
во сувата уста
со широка насмевка,
како да играш тешка игра
за преселба,
им ја изгази тревата,
пирејот што со судни маки
успеа да се пробие
низ мртвите тела на воините
од последната битка.

Ќе ти се налутат така и ти,
поради огнот што ти се јавува,
како што те учел народот
од урнатиот град,
мораш да ставиш суво крпче
на градите
за да го снемаш барем додека
е сѐ уште вака пријатно
пред разбудено утро

на крајот од градот обновен
од некој, од сите, од тебе
и гледан со љубопитство.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here