Потребно време за читање: 2 минути

5. Случајно

Се сретнаа случајно. Сосем случајно. Можно е случајно? Тој смета дека не е, а таа случајното го изедначува со неочекуваното, дури со ненадејното. За обајцата од сè во врска со случајното најважно е тоа да предизвика радост и задоволството. Поготово кога е поврзано со спомени од заедничко време.   

Треба да се има предвид и дека различното гледање на нивната случајна средба најпрвин иде од нивното долго не само несреќавање, туку и неслушање ништо еден за друг. Веќе во меѓусебен заборав? Согласни се дека во обајцата тој не се ни родил, а камо ли да заживее.

Тој:

-Многу ми е драго што те сретнав.

Таа:

-И мене што те сретнав по многу години.

Тој:

-Колку години?

Таа:

-Не знам точно, но се многу. Барем за мене.

Тој:

-И за мене.

Таа:

-Многу си се изменил. Едвај те препознав….Си остарел.

Тој:

-Ти си иста како кога бевме заедно. Дури си ми некако поубава…Не познавам многу луѓе што ги разубуваат нивните години.

Прочитај и за ... >>  НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ ескизи, 14

Таа:

-Фала ти на комплиментот…Многу често се прашував, се прашувам и сега дали ме сакаше…Се плашам да прашам дали уште ме сакаш.

Тој:

-Не беше сигурна? Се сомневаше?…Не си? Се сомневаш?

Таа:

-Се прашувам зашто не можам да си одговорам зошто се разделивме и до овој момент не се ни побаравме, камо ли да се најдеме.

Тој:

-Сега сосем неважно…Ти сега секако имаш свој живот, свој свет.

Таа:

-Се разбира. Зарем ти немаш?

Тој:

-Ќе ни остане само оваа случајна средба? Би било добро да се сретнеме пак…Намерно.

Таа:

-Од нас зависи. Јас би сакала…Не да го вратиме нашето време, туку да почнеме ново…Белки не мислиш дека е предоцна за тоа.

Тој го внесе нејзиниот телефон во својот мобилен.

Се загледаа еден во друг, се насмевнаа, се прегрнаа, се бакнаа, се поздравија и се разделија.

Небото беше облачно.