Потребно време за читање: < 1 минута

8. Искрено

-Искрено велиш дека не можеш без мене уште долго во подножјето на планината што ја замисливме како само наша?-ја прашува тој.

-Велам искрено. Зарем може неискрено?-одговара таа.

Замислената планина како само нивна нема врв. Од далечина на неа на иста висина се гледаат две платоа разделени со шилести карпи.

-Те прашав дали велиш искрено зашто не е исто да мислиш искрено. Белки не треба да те потсетам дека човек може искрено да зборува, а неискрено да мисли…Добро, велиш искрено дека не можеш без мене, но подножјето на планината што ја замисливме како само наша има засолн каков што нема никоја друга. Нашето живеалиште. Да, во него си без мене, физички, но не и духовно. Духовно сме неразделни, зарем не?

Таа:

-Искрено мислам дека на замислената планина само како наша се суштествени двете платоа што од далечина ги гледаме на иста висина, разделени со шилести карпи. Платоа разделени со шилести карпи!…Тие сме ние разделени. Се разбира не физички, стварносно, временски и просторно, туку метафизички.

Прочитај и за ... >>  НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 10

Тој:

-И што треба да сториме? Да се искачиме до нив и да ги надминеме, да ги урнеме карпите? Тоа го велиш и мислиш искрено?

-Да, па потоа да се вратиме во подножјето на од нас замислената планина и во засолнот да ја заживееме нашата љубов,-вели таа со изразито блага насмевка на усните.

-В ред, но искрено се сомневам дека брзо ќе ги урнеме шилестите карпи. Всушност, стравувам дека немаме доволно сили,-вели тој загрижен.

-Јас сум сигурна дека нашата љубов ќе ги надмине. Како сè друго досега,-додава таа, го зема за рака и почнуваат да ја искачуваат замислената планина.