НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 3

Потребно време за читање: 2 минути

3. Загатка

Прашува:

-Ја знаеш загатката на сфингата и одгатнувањето од Едип?

Му одговарам:

-Нема кој не ја знае. Сфингата им ја поставувала на луѓето, тие се обидувале да ја одгатнат, но не успевале и таа ги фрлала во бездна:

„Двоножно и четириножно оддава еднакви звуци;

а и со три нозе; менува става сал тоа од сите
коишто се движат по земја, во воздух, или, пак, во море;
сепак, додека потпрено на четири нозе оди

тогаш баш телото негово најмала брзина има“.

Едип одговорил точно, докажувајќи ја бистрината и проникливоста на својот ум:

„Злокрила сфинго, музо на Мрија, нерадо макар,

слушни ја мојата реч-тоа ќе биде твој крај:
Загатнуваш човек, којшто, кога се движи по земјата,
прво-во телото слаб, тој четириножник е;
стар пак, се потпира со бастун како со трета нога да оди,

грпка носејќи на врат, стуткан во старечки грч“.

По тој негов одговор, таа сама се фрлила во бездната. Зошто праша?

Прочитај и за ... >>  НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 5

Ми одговори:

-Поради Едип. Јас мислам дека таа загатка не е толку важна и тешка за одгатнување, колку што е неговата победа над сфингата и нејзината смрт.

Јас:

-Сакаш да кажеш дека загатката е всушност ослободување на човекот? Дека поентата е негово ослободување со мудрост?

Тој потпрашува:

-Ти не се согласуваш?

Јас замислен:

-Што знам…Не сум размислувал…Има логика…Ако се има предвид нејзиниот приказ како задавувач-Андросфинга, со тело на лав и глава на човек…

Тој:

-Ти реков, јас мислам дека загатката не е толку важна и тешка за одгатнување, колку победата на Едип…Денес има многу поважни и потешки за одгатнување. На пример: зошто човекот од раѓање до смрт сè посурово и пожестоко се уништува себеси уништувајќи се како човек?

Му спорам:

-Тоа загатка?! Нема врска! Се уништува зашто не може да го совлада животинското, ѕверското во себе.

Тој рамнодушно:

-Не се ни обиде да бидеш со умот рамен на Едип. Не ни помисли, а камо ли да се обидеш да одговориш зошто досега не се уништил.

Прочитај и за ... >>  НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 17

Јас изненаден:

-А…тоа…Што знам…Можеби благодарение на неговата прилагодливост…

Тој ликувачки:

-Научи повеќе за сфингата како митолошко и загадочно суштество.

Во последно време тој се однесува прилично наметливо и надмено спрема мене.