Потребно време за читање: 2 минути

34. Премалени

Се спружиле наземи премалени не толку од работа цел ден, колку од она што го доживеаја во него. Не нешто ненадејно, напротив. Исто што доживуваат со денови, па и со ноќи во последно време. Стресови? Не баш. Впрочем, суштинска составка на модерниот живот е стресот и човек со време научува да го поднесува или да го контролира со медикаменти, да се справува со него на пример со балансирана исхрана, вежбање, дружба со ближни. Тогаш што?

Се спружиле наземи премалени од бесцелност, како да се на крстопат, па не знаат кон каде и како; од безнадежност, како да им пропаднало сѐ сторено и создадено досега, а не гледаат никаква смисла и не ги поттикнува ништо да продолжат почнувајќи одново; и од малодушност која им го задушува борбениот дух и им го разорува достојанието.

Се спружуле наземи, гледаат во небото без облаци, дишат ту забавено ту забрзано, не се погледнуваат меѓусебно.

Прочитај и за ... >>  МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Стојмир Исајловски:

-Никогаш не сум бил олку премален. И од ден на ден сѐ повеќе. Одвај достојувам на нозе, а вака спружен ми се чини дека веќе нема станување за мене. Никако не можам да разберам зошто власта ни го прави сето ова. Наместо да е со нас, со народот, таа…

Игнат Саздовски:

-И јас сум веќе премален. Ми се чини дека ми влегла неизлечива болест која брзо ќе ме докусури. А во врска со власта, мислам дека таа не прави ништо за нас, туку прави сѐ само за себе. Впрочем, како секоја ненародна.

По подолго заедничко молчење прозборува Горјан Балковски:

-Јас знам зошто ни премале снагава, и телово и духот. Согледавме сѐ што се случи и се случува, ги промисливме сите нешта и заклучивме: бесцелни сме зашто не догледуваме некоја нова цел; безнадежни сме откога ни боктиса постојано да почнуваме одново; и нѐ опседна малодушност по долго време залудно одење напред со борбен дух и немошност да ги одбраниме нашите достојанија.

Прочитај и за ... >>  МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Игнат Саздовски:

-А што се однесува на власта, таа не е наша што значи дека сме заробени, поробени…

Горјан Балковски:

-Да одмориме, да повратиме снага до колку можеме, па да станеме. Кога немаме каде…

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here