Потребно време за читање: 2 минути

53. Слика

Во витрината на продавницата со старини  беше одамна, поставена насреде како да е главна меѓу нив, како да се сите други дел од неа. Беше насликана гола млада жена, со нежно лице, стројна снага, прозрачна; во живи бои, доминантни црвената, жолтата и небесно сината; исправена, ведра, насмеана, во љубовен занес. На утрина, со угреано сонце.

Таа беше незаборавна од раната младост на Јован Златески. Обајцата имаа по дваесет и една година, а беа заедно цела пролет и половина лето. Беше љубов? Дали тој нејзина не знае, но за него е непорекливо дека му е прва, неповторлива, непорочна и најдлабока.

Често постојуваше пред витрината на продавницата со старини со намера да ја види. Гледаше долго, проникувачки и восхитувачки во неа. Ѝ се насмевнуваше, ѝ се смееше, ѝ ги мереше и истражуваше лицето и телото. Понекогаш му се присторуваше дека утрината и угреаното сонце се ту посилни, ту послаби. Како да му ја откриваат сета, а потоа му ја подзатскриваат. Како заедно да играат некаква заносна игра.

Прочитај и за ... >>  МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Само еднаш оживеа пред него неговата Зора. Се случи тоа на зајдисонце помеѓу последен ден есенен и прв ден зимен. Направи неколку чекори помеѓу старините, без да допре некоја, речиси ги залепи лицето и голото стројно тело на стаклото, како да сака да излезе од витрината, па го праша детинесто:

-Зошто често запираш пред продавницава за старини и се загледуваш во мене? Ти се допаѓам? Да не си вљубен во мене?

Јован Златески зачудено:

-Не ме познаваш? Не ме препознаваш? Бевме постојано заедно пред многу години цела една пролет и половина лето. Беше и остана моја прва, неповторлива, непорочна и најдлабока љубов. Не знам дали и јас твоја, ама тоа сега не е важно. Те паметам баш ваква, каква што те насликал сликарот. Знаен е?

Зора:

-Мора да си се препознал. Само замислуваш дека сум ти била љубов. Јас не те познавам. Можеби си еден од посетителите во куќата во која…еден од оние со кои сум водела љубов. Да, сликарот е знаен, врвен…Ми беше еден од нив…Често му позирав. Има насликано и продадено многу слики со мене.

Прочитај и за ... >>  МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Тој изненадено, речиси подвикнувачки:

-Тоа е невозможно! Ти си мојата Зора!

Па тивко, за да не чуе никој од минувачите:

-Зошто оживеа пред мене?

Таа низ громогласна смеа:

-Ха, ха, ха! Велиш сум оживеала?!…А баш денеска ме купи еден стар господин, колекционер на уметнички слики. Го чекам да дојде и да ме земе…Ќе ми недостасуваат стариниве. Ми прирастоа на срце.

Јован Златески одамна не минува покрај продавницата со старини.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here