Потребно време за читање: 2 минути

50. Кошмари

Како стареат, од ден на ден Камен и Лепа Стоеви сѐ повеќе се оддалечуваат еден од друг. Веќе немаат никакви меѓусебни допири, никакви нежности, а сѐ помалку споделуваат и секидневности. Има денови кога не се ни погледнуваат очи в очи, и ноќи во кои соништата им немаат заеднички ниту миг. Од пред некое време не спијат заедно во нивниот брачен кревет. Само Лепа заспива и се буди во него. Камен на два-три часа пред полноќ се повлекува во собата на ќерка им Деница. Во која од денот на нејзиното загинување во сообраќајна несреќа, два дена по влегувањето во шеснаеасеттата година, само каучот на кој спие е ново парче мебел; сѐ друго е на свое место од времето кога таа ја живееше својата младост во созревање.

Се разбира, наспоредно со оддалечувањето, на Камен и Лепа Стоеви осаменоста и рамнодушноста како `рѓа им ги нагризуваат срцата, душите и свесноста. Ги прифаќаат сосе оддалечувањето како неминовни во нивни години, Камен има шеесет и три а Лепа педесет и девет, исто како заедничкото минато со неколку убави, радосни и трагични, непреболни пресвртни настани; најнапред нивната стамена љубов што им ја роди Деница и нејзината прерана смрт.

Прочитај и за ... >>  МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Откога почнаа сѐ повеќе да се оддалечуваат еден од друг, од ден на ден и од ноќ во ноќ врз Камен и Лепа Стоеви навалуваат сѐ повеќе секакви кошмари: од познато и непознато, во мигновени и долготрајни доживувања, со разни ужасни привиденија. Проследени со умор, ненаспаност, напнатост и снеможеност. Од познатото најмногу суши и поплавувања од поројни дождови, а од непознатото мрачнини и студенила; во мигновени доживувања како ненадејно ветриште, а во долготрајни како постоење на безимена празнотија; со разни ужасни привиденија што ту им се смеат силно, ту врескаат; ту летаат бескрилно на сите страни; ту се собираат во грутки со мали и големи боцки, ту се издолжуваат како стрвни ѕверки, па се обезглавуваат.

Наспоредно со секидневното и сѐ поголемо оддалечување еден од друг, Камен и Лепа Стоеви сѐ почесто преживуваат еден заеднички кошмар: на сон им иде ќерка им Деница како самовила, во бел невестински фустан; ги зема за раце и ги носи на кладенец со бистра вода повторувајќи им „Нашиов кладенец нема никогаш да пресуши“.      

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here